Средба на премиерот Заев со земјоделци од Гази Баба и Арачиново: Најава за решавање на обештетувањата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, придружуван од заменик-претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа, се сретна со Аднан Ајрула и уште неколкумина други претставници на Организациониот одбор на протести на земјоделците од општините Гази Баба и Арачиново.
На состанокот се разгледани можни решенија за обештетувања земјоделци, кои останале необештетени за настанати штети од невремето во овие општини во 2016 година и во 2018 година, поради правни пречки.
На средбата е договорено, утре, на владината седница, да биде утврдена постапката за обештетување на необештетените земјоделци од невремето во 2018 година, преку иницирање измени и дополнувања на Законот за заштита и спасување, што понатаму ќе оди на усвојување во Парламентот. За мал број необештетени земјоделци од невремето во 2016 година, е договорено правни експерти во Владата да ги разгледаат предметите и причините поради коишто досега било невозможно да се реши прашањето, со цел да се утврди дали има правен основ за решавање и на ова прашање.
„Има волја кај Владата да се изнајдат решенија за посочените прашања и има и пари во Буџетот за оваа намена. Клучно е да се утврдат можностите за обештетување согласно закон и сега сме на тоа посветени“, рече премиерот Заев.
Претставниците на засегнатите земјоделци се заблагодарија на претседателот на Владата Заев, на заменик-претседателот Битиќи и министерот Хоџа, за заложбите за решавање на овие важни прашања за земјоделците, соопштија од Владата.
Слични Новости

Транзиција на прехранбениот систем од традиционалната линеарна во кружна економија како чекор напред за намалување на отпад од храна
