Стратегија за подобар пласман и заштита на македонските сорти на јаболка
Љубе Пампулески од Здружението на овоштари „Благој А. Котларовски“ од Ресен вели дека излезот е во барање на нови пазари, посебно пазарите во Европската Унија, за да не се доведеме во ситуација јаболката да останат непродадени. Според него, во пласманот на јаболка ние сме некаде помеѓу Истокот и Западот, односно досега пласманот одел по сличен модел како што прави Турција, но сега треба да се стремиме кон пазарите во ЕУ, а како пример можеме да ја земеме Словенија. Пампулески вели дека сите чинители во општеството треба да придонесат и да имаме стратегија за годините кои доаѓаат. Додава дека наместо стихијно, треба да се работи плански, и да се види кои сорти на јаболка какви резултати даваат во нашето поднебје, со цел оние кои сакаат да се занимаваат со овоштарство, да имаат насоки.
„Имаме и ние земјоделски институт, и треба да се искористат сите капацитети на МЗШВ, со цел да се направи стратегија за наредните 20 до 50 години. Ако имаме десетици сорти јаболка, зошто да не брендираме некои од нив, да ги заштитиме. Сега доаѓаме до пресвртна точка, затоа што или ќе одиме на европскиот пазар, или ќе го загубиме домашното производство. За да го добиеме европскиот пазар, треба да понудиме квалитет и бренд. Изминативе години се соочивме со мраз, штети, климатски осцилации, но во година со идеални услови, при добра реколта се произведуваат по 200.000 тони јаболка. Од нив 10.000 до 20.000, па дури и до 25.000 тони во поново време се трошат на домашниот пазар, затоа што доаѓаат нови генерации, се става акцент на здравата храна“, вели Пампулески.
Извор: Фактор