Што се земјоделски екстензии и како може да го унапредат вашиот агро-бизнис?

Што се земјоделски екстензии и како може да го унапредат вашиот агро-бизнис?

 

При отпочнување со мал агробизнис, секогаш од голема корист е иницијалната помош од стручни лица. Кога велиме помош, не мислиме само на финансиска помош. Советите од експерти од областа на агрономијата се од големо значење, особено за оние земјоделци кои ентузијастички влегуваат во целиот процес, без да имаат конкретни познавања од земјоделството. Затоа накусо ќе ги разгледаме механизимите преку кои можеме да побараме и да добиеме советодавни услуги. Конкретно, во овој текст ќе позборуваме за земјоделски екстензии.

  • Што претставуваат земјоделски екстензии?

Земјоделски екстензии е всушност другото име за давање на земјоделски советодавни услуги.

Во практична смисла, земјоделска екстензија подразбира да им се даде на земјоделците (особено на оние мали сопственици во земјите во развој) знаење за агрономски техники и вештини за подобрување на нивната продуктивност, безбедност на храна и средства за живот.

Тука има две важни компоненти:

  • ширење на практични информации, вклучително и за подобрени семиња, квалитет на почвата, алатки, управување со водите, заштита на земјоделските култури, земјоделски практики и добиток
  • примена на ова знаење на фармата

Освен што придонесуваат за рурален развој, екстензиите се суштински дел од земјоделското истражување и развој. Истражувачките институции се фокусираат на техничките аспекти на генерирање корисни технологии. Земјоделската екстензија се фокусира на прифаќање и усвојување на тие технологии од страна на земјоделците. Соработката помеѓу овие две области треба да е секогаш на партнерско ниво.

  • Кој обично обезбедува советодавни услуги за унапредување на земјоделството?

Постојат три главни извори кои нудат советодавни услуги од ова поле:

  • Јавниот сектор (министерства и одделенија за земјоделство и земјоделски истражувачки центри)
  • Приватниот непрофитен сектор (локални и меѓународни невладини организации (НВО), фондации и здруженија, билатерални и мултилатерални проекти за помош и други некомерцијални здруженија)
  • Приватниот профитен сектор (комерцијални компании кои што нудат услуги од областа на прибирање и обработка на податоци, комерцијални фармери или претпријатија управувани од група земјоделци каде земјоделците се и корисници и даватели на земјоделски информации, фирми за агро-маркетинг и преработка, трговски здруженија и приватни консултантски и медиумски компании).
  • Земјоделски екстензии во светот во развој

Многу земји со напредни земјоделски сектори, како што се САД, Канада, Австралија и Данска, уживаат квалитетни советодавни услуги за унапредување на земјоделството. Во светот во развој, од друга страна, земјоделските екстензии не секогаш ги задоволуваат потребите на земјоделците.

Тоа резултира со слаби приноси и немање пристап до пазарите, што значи дека сиромаштијата и понатаму опстојува во овој сектор, со далекусежни последици. Младите заминуваат во градовите, со што се загушува и онака несоодветната урбана инфраструктура, а сето тоа придонесува за несигурност во можноста да се стигне до храна.

  • Нови пристапи во земјоделските екстензии

Справувањето со новите и растечки предизвици на земјоделските пазари, технологијата и одржливоста – бараат и нов начин на размислување. Екстензиите денес треба да се фокусираат на следното:

  • Партиципативни пристапи за обликување на услуги управувани од побарувачката
  • Зголемување на бројот на даватели на услуги за унапредување
  • Стратегии за развој на системи за земјоделски иновации

Јавниот сектор е традиционален извор на услуги за истражување и проширување во светот во развој, но не може тоа да го прави сам. За да се постигне развој и да се нахрани растечката популација, малите сопственици мора да имаат глас во обликувањето на потребните услуги. Покрај тоа, мора да се отстранат бариерите за учество на компании и невладини организации и да се формираат иновативни јавно-приватни партнерства.

За тоа каков е пристапот во земјоделски поразвиените земји, можете да го погледнете следното видео, на кое е прикажано Австралиското искуство од областа на советодавните услуги во земјоделството:

 

Категории: Едукација