Овоштарите од Росоман очекуваат помош од државата и обештетување на дел од настанатите штети врз нивните насади од пролетното мрзнење.
Особено производителите на праски беа силно погодени од ниските температури кои се појавија во текот на март и во април.
Општина Росоман ги повика овоштарите да пријават штети на јавниот повик кој траеше од 21 април до 4 мај. По усвоениот извештај за настанати штети податоците беа испратени до државната Комисија за проценка на штети.
Меѓутоа додека дојде моментот на проценка и конечна исплата на штетите, овоштарите од Росоман очекуваат повеќе информации од надлежните институции.
Пратеникот од редовите на СДСМ, Панчо Минов организираше средба на претставници на големите производители на праски од Росоман кај вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи. На средбата учествуваше и заменик министерот за земјоделство и претседателот на Комисијата за штети од елементарни непогоди.
Минов информира дека на средбата се разговарало за обештетување на производителите на праски од пролетното мрзнење.
„Беше донесен заклучок, комисијата за штети да ја заврши проверката на елаборатите за штета и да поднесе информација до владата во најкус рок, а Владата пак во септември да донесе одлука за висината на обесштетување на производителите на праски, согласно нивните барања и можностите на буџетот и по локалните избори да се реализира исплатата на обесштетувањата на производителите на праски“ вели Минов.
Во Росоман се одгледува најголема количина на праски, во просек по 12 илјади тони годишно кои потоа претежно завршуваат на странските пазари.