Владата усвои 26 мерки и препораки – Ваучери во вредност од 1000 денари за најранливите категории

Владата усвои 26 мерки и препораки – Ваучери во вредност од 1000 денари за најранливите категории

 

 

Владата усвои 26 мерки и препораки, поделени во две категории, првата е заштита на животниот стандард на граѓаните, а втората за ликвидност на компаниите. Со мерките треба да им се помогне на граѓаните и на компаниите да се преброди актуелната економска криза предизвикана од нападот на Украина, соопшти премиерот Димитар Ковачевски. Пакетот мерки за помош на граѓаните и компаниите тежи 400 милиони евра.

Основните прехранбени продукти, како леб, брашно, млеко, месо, зејтин, шеќер, ориз и јајца за кои досега имаше ДДВ од пет проценти, сега ќе се продаваат без ДДВ. Се замрзнуваат маржите на основните продукти за исхрана, за, како што вели премерот Димитар Ковачевски, да се спречи профитот и да се ублажи ценовниот шок.

Предвидени се ваучери во вредност од 1000 денари за најранливите категории, со кои ќе може да купуваат основни продукти. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 35 илјади луѓе кои ќе добиваат вакви ваучери три месеци по ред. Премиерот ja спомна и претходно најавената помош за пензионерите од по 3000 денари.

Се укинуваат царинските давачки за увоз на основни продукти. Ќе се намалува стапката на ДДВ од 18 на 10 проценти при промет на енергентите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан. Предвидено е и намалување на акцизата врз основа на берзанските цени. Со намаленото ДДВ и со намалувањето на акцизата малопродажната цена на нафтените деривати ќе се намали за околу 10 денари. Една од мерките е и ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување. Владата предлага и цената на горивата да се одредува на дневно, наместо на неделно ниво за да се избегне голем скок во цените. За компаниите пак се предвидени подобри услови за кредитирање и за користење на фондови.

Ковачевски – Храна има доволно, предизвик се цените.

Ова ќе биде тешка година, но со добри мерки и ќе ја пребродиме, рече на прес -конференција премиерот Димитар Ковачевски.

„Спречуваме сериозен ценовен шок и на основните прехранбени производи и на енергенсите. Во едно ве уверуваме дека житни култури, храна и енергенси има доволно во стоковите резерви, граѓаните да не подлегнуваат на никакви шпекулации и да бидат смирени. Од се има доволно, но предизвикот е друг, тоа се цените. Тоа е она со кои ние се справуваме денска, а ќе се справуваме и во наредниот период“, порача премиерот.

Премиерот вели дека буџетот е стабилен и ликвиден, а стабилен е и денарот. Тој вели дека во кризно време потребна е и лична и колективна одговорност, а не профитерство. Порача да се штеди, а вети дека тоа ќе го прави и власта.

За дел од мерките се потребни законски измени. Премиерот вели дека сите пратеници, без разлика од која партија се, треба да бидат одговорни и да ги поддржат мерките.

 

Категории: Вести