Добар квалитет, ниска цена – Тутунарите очекуваа откупна цена од минимум 200 денари

Добар квалитет, ниска цена – Тутунарите очекуваа откупна цена од минимум 200 денари

 

Тутунарите не се задоволни од годинашната проценка на тутунот, со оглед на квалитетот кој го имаат во оваа реколта. Откупната цена која во моментов изнесува 187 денари за килограм, но се надеваат дека како што тече откупот цената ќе се зголемува.

Цената на тутунот не ги покрива ниту основните животни потреби на тутунарите , кој бараат откупната цена да биде минимум 200 денари за килограм. И покрај ветувањата дека со новиот Правилник за проценка и формирање на откупните цени, донесен пред месец и пол, тутунот ќе биде вреднуван според квалитетот на родот, сепак на терен ситуацијата е поинаква.

-Годинава нема многу тутун, производството е преполовено, но квалитетот е одличен. Откупната цена и оваа реколта не е задоволувачка. Моментално тутунот се откупува по просечна цена од 187 денари за килограм и не ги покрива ниту трошоците за производство бидејќи се е поскапено, ѓубривата, репроматеријалите за производство, животниот стандард…, вели за ВЕЧЕР, Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.

Според него, откупната цена треба да биде минимум 200 денари за килограм за да работиме рентабилно.

Соочени со откупна неизвесност, а поучени од ланските лоши искуства, кога цените беа катастрофално ниски, а околу еден тон од родот остана по амбарите, тутунопроизводителите од Пелагониско, годинава побараа помош од градоначалниците од овој регион, со делување преку заедничкото тело за Развој на Пелагонискиот регион. Доколку пак, и овој пат бидат игнорирани овие нивни барања и откупот продолжи со истиот тренд, тутунарите се закануваат со многу порадикални протести во споредба со ланските.

Инаку, годинашниот род се очекува да тежи околу 19 милиони килограми квалитетен тутун и според тутунарите на пазарот ќе се јави кусок од околу два милиони килограми што било причина повеќе откупните цени да бидат значително повисоки од ланските.ж

 

Категории: Вести