ЕК: Германија заостанува во намалување на емисиите на стакленички гасови во земјоделството

ЕК: Германија заостанува во намалување на емисиите на стакленички гасови во земјоделството

 

 

Во септември 2021 година, германското министерство за животна средина ја претстави Националната стратегија за заштита на мочуриштата, со која, според министерството, треба да се обезбеди заштита на недопрените мочурливи предели, како и обновување и одржливо управување со претходно пресушените блата. Европската комисија го истакна недоволниот напредок на Германија во обидот за намалување на емисиите на стакленички гасови и покрај имплементацијата на Заедничката земјоделска политика (ЗЗП). Индустриските здруженија, исто така, сметаат дека тековните планови не ги исполнуваат очекувањата.

Иако емисиите на стакленички гасови од земјоделскиот сектор во Германија се намалени за 19% во споредба со 1990 година, во последните две децении скоро и да немаше некаков посериозен прогрес, се наведува во документот на Комисијата.

„Германија треба да промовира намалување на емисиите и намалување на јаглеродот во поголема мера во нејзиниот национален стратешки план, кој треба да биде доставен до Комисијата до крајот на годината“ се вели во документот.

Таканаречените еко-шемистимулации што им се исплаќаат на земјоделците кои доброволно се придржуваат кон еколошки практики и „земјоделско-еколошко-климатските мерки“ (AECM) — нудат можност за унапредување на климатските мерки со средства од ЗЗП фондовите во наредниот период на финансирање.

Иако каталогот на еко-шеми е веќе предвиден со законите што Бундестагот ги донесе во јуни, дизајнот на AECM спаѓа главно во надлежност на федералните држави, чии планови се уште се во фаза на изработка.

  • Потенцијал за намалување на емисијата стакленички гасови

„Мораме да ги намалиме овие емисии, да бидат усогласени со 1,5°С рамката за компатибилност – но тоа може да се направи само со земјоделска политика која исто така дејствува во оваа насока“, изјави Ксенија Бренд од Германското здружение на фармери (AbL) за германските медиуми.

„За нас, ова исто така вклучува и обид за унапредување на земјоделството со напасување на стоката, бидејќи зачувувањето на трајните пасишта е мерка за заштита на климата“, додаде таа.

„Од седумте еко-регулативи, многу малку имаат климатски позитивен ефект“, рече Кристијан Ремер од еколошката организација „BUND“. Тој додаде дека најефикасните прописи се оние кои промовираат заштита на пасиштата, како и системите за унапредување на агрошумарството.

Германското здружение на фармери (DBV), исто така, постојано го нагласуваше потенцијалот на земјоделството за ублажување на климатските промени.

„Земјоделството и шумарството остануваат најважните столбови во создавањето негативни емисии на јаглерод на долг рок“, изјави генералниот секретар на DBV, Бернхард Крускен, на крајот на јуни по усвојувањето на изменетиот закон за заштита на климата.

„За да се постигне ова, земјоделците мора да бидат политички поддржани во областа на производство на хумус и оваа климатска услуга мора да биде соодветно наградена“, додаде тој.

Законот за заштита на климата поставува секторски цели за намалување на емисиите на стакленички гасови за различни сектори во економијата, кои беа уште позаострени со измените донесени во јуни.

Во земјоделството, до 2030 година – емисиите ќе бидат намалени на 56 милиони тони еквивалент на СО2, во споредба со нивото од 1990 година.

„Земјоделството и шумарството се единствените економски сектори што можат природно да складираат јаглерод“, рече министерката за земјоделство Јулија Клакнер при донесувањето на законот.

Ова е особено важно затоа што е невозможно да се работи без емисии на гасови во земјоделскиот и шумарскиот сектор како дел од биолошкиот систем, рече таа, додавајќи дека „за да се постигнат целите, неопходни се соодветни потпорни мерки и финансирање“.

  • Заштита и обновување на мочуришните области

Но, според Кристијан Ремер, германските планови за спроведување на ЗЗП не вклучија средства за унапредување на мерките за заштита на климата, како што се реставрација на мочуришните области (блатата), складирање на јаглерод или намалување на бројот на добиток.

Во заедничка изјава, работната група на фармерот и германската организација за заштита на животната средина „Дојче Натуршутринг“ – побараа да се преиспита влијанието врз животната средина на стратешкиот план на ЗЗП. Ова треба да се направи во смисла на неговиот придонес во остварувањето на целите на изменетиот Закон за заштита на климата и Планот за заштита на климата 2030 година.

Според двете организации, намалувањето на бројот на животни и „соодветното финансирање на мерките за повторно потопување на мочуришните области“, особено, треба да се земат предвид како значајни мерки за заштита на климата.

Во својот документ, Комисијата, исто така, укажува на важноста на блатата како резервоари за јаглерод и препорачува Германија да промовира „заштита на почви богати со јаглерод преку повторно потопување и обновување на блатата и мочуриштата“.

Во септември 2021 година, германското министерство за животна средина ја претстави Националната стратегија за заштита на мочуриштата, со која, според министерството, треба да се обезбеди заштита на недопрените мочурливи предели, како и обновување и одржливо управување со претходно пресушените блата.

Но, здруженијата и опозицијата ја критикуваа стратегијата затоа што не беше усвоена од целата влада, главно затоа што не беше координирана со Министерството за земјоделство.

„Прво, мораме да ги потопиме блатата, но второ, исто така, треба да се осигураме дека луѓето сѐ уште ќе можат да продолжат да се занимаваат со земјоделство на областите што се потопуваат“, рече Ремер. Тој додаде дека земјоделците чии блата веќе нема да можат да се одбработуваат треба да бидат соодветно обесштетени.

  • Позитивни стимулации за заштита на климата

Според Ремер, потребни се доволно пари и „масивни консултации“ за да се осигура дека мерките се успешни. „Ова е неопходност што скоро и да не е разгледана од ЗЗП“, додаде тој.

„Меѓутоа, сите концепти за повторно потопување мора да се развијат доброволно и со локално население“, коментира заменик-генералниот секретар на „DBV“, Удо Хемерлинг, за стратегијата за заштита на мочурливите области. На фармите им треба долгорочна економска перспектива, додаде тој.

Во однос на стратешкиот план за ЗЗП, Германското здружение на фармери, исто така, повикува на поголемо унапредување на мерките за управувањето со пасиштата во рамките на еко-шемите. На пример, може да се воведе климатски бонус на пасиштата за да се „награди јаглеродот во земјоделството“, изјави Хемерлинг.

Според Европската комисија, емисиите на стакленички гасови од пасиштата се поголеми во Германија отколку во која било друга земја на ЕУ, и покрај трендот на намалување. Затоа, националниот стратешки план треба да промовира помалку интензивно управување со пасиштата, рече Комисијата.

 

Извор: Euractiv