Земјоделците од сите гранки на предупредувачки протест во Прилеп

Земјоделците од сите гранки на предупредувачки протест во Прилеп

 

Земјоделците од сите краишта на земјава го искажаа своето незадоволство на предупредувачки протест во Прилеп. Обединети, им ги посочија пропустите на надлежните и побараа исплата на заостанатите субвенции, мерки и ковид пакети. Побараа и повлекување на законите за зелена такса и за продажба на земјоделското земјиште.

„Да земат во обѕир дека оваа категорија на граѓани ја храни нацијата и дека придонесува бројно и финансиски во буџетот на државата. Треба да имаат во обѕир дека ние како луѓе се мачиме по нивите, а тие уживаат по канцелариите“, рече Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунарски здруженија.

Производителите на ориз се пожалија дека меѓу 50 и 60 проценти од ланскиот ориз, скапува по амбарите. „Ситуацијата е катастрофална, откуп немаме, цената нагло падна, а еве за 2 месеци имаме нова реколта, нова жетва, а имаме некаде 50 до 60% заостанат ориз од лани. А откупната цена е ниска и беше ниска цела година и сега е најголем проблем што нема откуп“, истакна Стојче Ташевски, претставник на оризопроизводителите од кочанско.

„Цената на грозјето беше 13 денари, ние баравме да оди на кај 18 или 20 денари, а тие ја доведоа сега цената да биде од 2 до 10 денари за килограм грозје. И оваа не е издржливо. Ако биде исто како по ланска цена да го откупуваат тогаш ние подобро да го исечеме грозјето не ни треба. Три години по ред бараме заштитната цена на грозјето да биде 17 денари за вранецот, а 15 денари за смедеревката, плус 3 денари дополнителна мерка од државата“, додаде Дане Јошев, регионално здружение „Тиквешки лозаро-овоштари“ – Кавадарци.

Тутунарите пак обвинија дека поголем дел од нив кои лани повикале второстепени комисии за нова проценка на тутунот сега откупувачите како казна не им склучувале договори за оваа реколта. „Како ќе се обештетат тие тутунари кои повикаа второстепена комисија, а не им е склучен договор од страна на откупувачите бидејќи ја повикале таа комисија. Како ние ќе просперираме и преживееме во наредната реколта без договори“, изјави Флоре Груевски, претставник „Тутунски земјоделци“ од с. Могила.

Протестот почна со марш низ прилепскиот булевар „Гоце Делчев“, а заврши пред општинската зграда. Земјоделците симболично го одбрале верскиот празник Петровден, како ден кога е најголемата жетва, да испратат порака до властите.

Ова е предупредувачки протест, велат земјоделците. Ако не се најде решение за напластените проблеми, најавија радикализирање на протестите низ повеќе региони во земјава.

 

Категории: Вести