Еден од најголемите предизвици на модерното време – Како да се произведат доволни количини на безбедна и здрава храна?
За меѓународната заедница безбедноста на храната стана клучен приоритет во последната деценија. Сите земји во светот, во поголема или помала мера, се соочуваат со сложеното и тешко прашање за снабдување на населението со доволни количини на основни земјоделско-прехранбени производи кои имаат соодветен квалитет. Во напорите за обезбедување здрава храна, голем број од земјите наидуваат на бројни предизвици.
Постојаната несигурност до пристап на храна и различните форми на неисхранетост/малнутриција – вклучително и дебелината и недостатокот на микронутриенти – влијаат на голем дел од светската популација, и покрај меѓународните и локалните напори да се сузбијат овие несакани појави. Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) во својот извештај од 2019 година со наслов „Состојба на безбедноста на храната и исхраната во светот 2019 година“ – процени дека 820 милиони луѓе во светот сè уште биле гладни во 2018 година (FAO 2019). Тековните состојби во однос на глобалната и националната безбедност на храната ја нагласуваат важноста на искоренувањето на гладот, што претставува и една од Целите за одржлив развој (SDGs) на Обединетите нации која бара соодветни пристапи за подобрување на сегашниот систем на храна. Покрај тоа, здрава и чиста храна (како еден од аспектите на безбедноста на храната) е исто така составен дел од Целите за одржлив развој, имајќи предвид дека ФАО проценува повеќе од 600 милиони случаи на болести кои се пренесуваат преку храна годишно (FAO, 2019a; FAO, 2020) и 420 000 смртни случаи предизвикани од јадење контаминирана храна (FAO, 2019а). Всушност, SDG 2, кој опфаќа повеќе прашања како што се: ставање крај на гладот, постигнување безбедност на храна, подобрување на исхраната и промовирање на одржливо земјоделство, може да се постигне само кога достапната храна е во исто време безбедна за консумирање. Во овој контекст, несомнено е јасно дека небезбедната храна претставува глобална закана и за здравјето на луѓето и за економиите. Меѓузависен концептуален пристап би можел да ja погледне безбедноста на храната (food safety and food security) како меѓусебно поврзани концепти кои имаат длабоко влијание врз квалитетот на човечкиот живот. Додека безбедност на храната претставува еден вид на „чадор“ термин, кој ќе покрива различни аспекти на ракување, подготовка и складирање на храната, постојат многу надворешни фактори кои влијаат на двете засебни области, како што се сиромаштијата и климатските промени. Земјоделството, како економска активност, претставува извор на производство на храна и егзистенција за секое домаќинство и може да се смета како еден од најважните ресурси на националниот развој. Во денешно време, во контекст на трговската глобализација, овој сектор се повеќе се потпира на меѓународниот пазар за суровини и финални прехранбени производи. Степенот до кој безбедноста на храната може да се обезбеди на сите нивоа, во голема мера зависи од управувањето со земјоделскиот сектор.
Како проектот CITIES2030 директно влијае и допринесува кон развој на урбани заедници во поглед на подигнување на свеста за важноста на безбедната и здрава храна?
Главната цел на проектот CITIES2030 е да создаде урбани системи за храна и екосистеми адаптирани на претстојните предизвици каде централно место ќе има човекот. Проектот CIITES2030 ќе ги обедини истражувачите, претприемачите, лидерите на граѓанското општество и сите чинители на урбаните системи за храна и екосистемите, кои заедно ќе работат во насока на трансформација и преструктуирање на начинот на производство, транспорт, снабдување, рециклирање и повторна употреба на храната во 21 век.
Како очекувани придобивки за градовите од активностите во рамки на проектот се намалување на отпадот од храна, обезбедување пристојни можности за егзистенција и безбедна храна за сите и промовирање одржливи начини на производство на храна. Визијата на CITIES2030 е да ги поврзе кратките синџири за снабдување со храна, градовите и регионите, потрошувачите, како и стратешките партнери во индустријата, граѓанското општество, стартап компаниите, малите и средните претпријатија, иноваторите, водечките универзитети и истражувачките центри преку создавање и користење на една дигиталната платформа за управување со урбани системи за храна и екосистеми базирана на блокчеин технологија.
Проектот „Ко-креирање на стабилни и одржливи системи на храна во согласност со FOOD2030“ (CITIES2030) со траење од четири години (2020-2024) e финансиран од Европската Унија преку програмата за истражување и иновации Хoризонт 2020. Конзорциумот на проектот CITIES2030 е составен од 41 партнер од 19 европски земји, а дел од партнерите се и македонската компанија АгФутура Технологии, како и македонското здружение Платформа за зелен развој.
За повеќе информации за проектот посетете ја официјалната страна: www.cities2030.eu