Иновативен македонски стартап: Работиме на машина за рециклирање на отпад од лозарство и овоштарство
Во Македонија постојат иновативни и храбри претприемачи кои го прифаќаат ризикот и се решаваат за сопствен стартап бизнис. Гоце Јоновски од Росоман, со компанијата ГОТЕХНИК, е еден од нив.
Неговата иновативна компанија тестира втор прототип на приклучна машина со контејнер за собирање и дробење на лозови и овоштарски гранки.
Целта на примена на овие приклучни машини е да се култивира отпадот кој понатаму може да се третира како енергенс – биомаса.
Примената на овие машини ќе значи социо-еколошки и економски придонес во општеството. Овој енергенс може да се користи во индустриска намена – когенерација, доработка на отпадот во производство на пелети и брикети како и во директна индивидуална примена за греење.

– Кажете ни нешто повеќе за оваа машина. Како работи, што е иновативно кај неа, и што овозможува?
Јоновски: Ова е приклучна машина која е од редот на дробилки за рециклирање на отпад, во случајот гранки од лозови и овошни насади. Се погонува од влечна машина – трактор и рециклирањето (дробењето) е непосредно на плантажите. Иновативноста на овој прототип е во самиот механизам за дробење, обликот, формата на ножевите и претставува подобрено техничко решение кое овозможува намалена потрошувачка на влезна енергија.

– Од каде идејата за неа, и колку време ја развивавте?
Јоновски: Идејата за создавање на машината доаѓа од примената на биомасата како енергенс, исто така од потребата да се рециклира овој вид на отпад, и поради заштита на животната средина. Користењето на биомасата е познато од многу одамна. Многу напредни општества ширум ЕУ па и во светски рамки имаат развиено системи за користење на овој енергенс, пред се во индустриска цел. Конкретно, овој прототип е креиран како 3Д модел од 2017 и физички изработен како прототип и во повеќе наврати тестиран.

– За кого е наменета оваа машина, кој може од неа да има корист?
Јоновски: Машината е наменета пред се за постоечките земјоделски стопанства кои можат најбрзо да се впуштат во овој процес на рециклирање бидејќи имаат влечна механизација и персонал. Како втора опција може да бидат новоосновани друштва кои би се занимавале исклучиво со оваа работа – рециклирање на отпад. Секако, потребно е да се воспостави систем на работа и примена на овој отпад (биомаса) за покрај еколошки аспект, да се воспостави и економски одржлив принцип на работа.

Бенефитот е економски, но и еколошката димензија е силно истакната. Токму тоа беше причина ФИТР да го поддржи овој проект.
– Што е потребно за негова помасовна примена?
Јоновски: Најпрвин треба да се препознае значењето од третирањето на овој отпад како од социо-еколошки така и од економски аспект, на индивидуална и колективна и општествена основа, и да се подготви проформа за интегриран пристап на дејствување и одржливост.
– Дали ваква машина има во регионов, и дали има извозен потенцијал?
Јоновски: Според моето сознание во регионот нема ваков вид на приклучна машина. На ниво на Европа постојат производители од Италија и Шпанија. Според мене, треба да се воспостави практика за користење и третирање на овој отпад, а паралелно машината да се понуди и надвор од Македонија.
– Кои се вашите очекувања на краток рок?
Јоновски: Очекувањата се дека ќе постигне консензус т.е интерес од третирање на овој отпад за јасно дефинирана цел, а со тоа и иницијално производство на овој тип машини
Разговараше: Христијан Станоевиќ
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.
Слични Новости
Производителот на дронови ХАГ ја демонстрираше ефикасноста во апликација на пестициди: 16 хектари јачмен третирани за еден час

