Создадете ваша “климатска батерија” – Економично решение за топлина во затворен производствен простор
1,018 Прегледи
Категории:
Иновации
На секој вид растение му треба одредена количина на енергија (т.е. топлина) за да може да го заврши целосниот животен циклус. Времетраењето, количината и квалитетот на културата и нејзиниот принос се регулирани со квалитетот и густината на испорачаната енергија која пак е во корелација со интензитетот на достапната светлина. Идеални природни услови за снабдување со енергија потребна за развојот на растенијата се достапни само во одреден период од годината. Во зависност од нивното потекло и специфичните потреби, овие услови се различни за разни видови на култури. Одгледувањето на култури во заштитен простор треба да ги обезбеди и гарантира овие оптимални услови, независно од надворешните климатски услови сѐ со цел културата да има правилен раст и развој кој подоцна овозможува постигнување на максимален принос и загарантиран профит кај земјоделците.
Со покачувањето на цените на суровините и енергенсите коишто се користат за создавање на конвенционални системи за греење, исплатливоста за имплементирање на ваквите системи сѐ повеќе и повеќе станува непрофитабилна. За таа цел, преку овој текст, сакаме да ви презентираме една функционална, исплатлива и еколошки чиста идеја за тоа како да го загреете вашиот пластеник или оранжерија.
Еден од најекономичните системи што овозможуваат загревање на заштитениот производствен простор се т.н. „климатски батерии“ кои функционираат со искористување на сончевата енергија и преносот на топлина од почвата.
Климатска батерија е систем кој од производствениот простор турка топол влажен воздух под почвата преку закопани цевки се со цел да ја пренесе топлината во почвата и да складира топлинска енергија која подоцна се користи во ситуации кога имаме потреба од затоплување. Системот се состои од низа на цевки, вентилатори и изолирана почвена маса. Терминот “батерија” се користи поради капацитетот за складирање енергија.
Во текот на денот кога внатрешноста на заштитениот простор се загрева од страна на сонцето и неговата енергија, вентилаторите на климатската батерија го туркаат овој загреан воздух од погорните слоеви надолу низ подземната цевка каде што овој топол и влажен воздух се лади додека поминува низ цевката и истовремено ја испушта топлината во околната почва. Цевките коишто се користат мора да имаат отвори, бидејќи процесот на ладење и испуштање на топлина предизвикува кондензација и создадената вода слободно поминува низ отворите. Овој разладен и исушен воздух се враќа во производствениот простор и овозможува повторно апсорбирање на влага и топлина од просторот. Ова претставува едноставна форма на циклусот и принципот на кој функционира системот, кој ги користи предностите на латентната топлинска енергија складирана во водената пареа и феноменот на кондензирање на споменатата пареа со спуштање на температурата на воздухот до точката на росење преку пренос на топлина до ладната почва.
Иако на прв поглед можеби изгледа збунувачки, со помош на видеото поставено подолу полесно можете да ја разберете едноставноста на овој систем за загревање.
Првин, треба да се одреди местото каде што ќе биде изградена батеријата и самиот производствен простор. Обично, батеријата се наоѓа под производствениот простор и ја зафаќа скоро истата површина. Треба да се земе предвид типот на почвата која се наоѓа на местото на градење. Почвата не треба да содржи поголеми количини на глина, бидејќи под дејството на топлината и водата која што протекува од цевките може да настане стврднување на глинените честички и целосно запушување на отворите.
Со помош на тешка механизација се копа на длабочина од 60 до 120 сантиметри, каде што се поставуваат пластичните цевки. Цевките коишто ќе ја создаваат потребната мрежа за размена на топлина треба да имаат отвор со пречник од 10 сантиметри, додека пак вентилационите цевки кои што овозможуваат влез и излез на воздухот треба да бидат со поголем пречник, односно 45 сантиметри. За тоа како би требало да изгледа дизајнот на мрежата од цевки, подолу се прикажани два 3-Д модели на инсталација.
По поставување на мрежата од цевки, потребно е да се изведе странична изолација која што ќе ја спречи топлината да „избега“ кон надворешноста и со тоа да се намали потенцијалот на климатската батерија. За изолација, како најкорисен и финансиски најисплатлив материјал се градежните изолациони плочи направени од полистирен (популарно наречен стиропор).
Инсталацијата на цевките започнува со поставување на главните одводни и доводни цевки со поширок пречник. Откако тие ќе бидат фиксирани и нивелирани се поставува и мрежата од цевки со помал пречник кои што ќе ја имаат главната функција во преносот на топлина од воздухот во почвата. По целосната инсталација на цевките, започнува нивното покривање со почва. Почвата мора да биде добро компресирана и целосната површина од цевките да биде во постојан контакт со почвата. Со ова се обезбедува ефикасност во преносот на топлина. Откако цевките ќе бидат под почвата, започнуваат активностите за изградба на пластеникот. За постигнување на енергетска ефикасност и искористувањето на целосниот потенцијал од климатската батерија, препорачливо е дизајнот на заштитениот простор да биде ист или барем сличен на пасивно-соларните пластеници.
Овој систем за затоплување (во некои случаи се користи и за ладење) се контролира со помош на неколку термостати и вентилатори. Термостатите треба да имаат можност за подесување на неколку гранични температури, додека пак вентилаторите да имаат можност за подесување на брзина со помош на потенциометри. Така поставената инсталација, може да обезбеди голема ефикасност во складирањето на топлина и нејзиното испуштање.
Климатската батерија може успешно да работи во поголемиот дел од годината, но во случаи кога имаме намалена сончева радијација проследена со екстремно ниски температури, складираната топлина може да биде потрошена за недела до две (во зависност од капацитетот на целата инсталација) и ќе има потреба од дополнителен извор на топлина.