Генетски модифицираните култури се повеќе се дел од модерното производство на храна, а науката постојано цели кон усовршување на методите и воведување на нови. Принципот на создавање на ГМО растенија претставува воведување на нови особини кај растенијата, особини кои што вообичаено не се сретнуваат во природата. Постојат повеќе примери на култури кои со помош на одредени методи станале резистентни на одредени инсекти, болести, надворешни влијанија, хербициди, со намален степен на скапување или со повисоки хранливи вредности.
Според статистичките податоци од 2019 година, најголем одгледувач на ГМ растенија се САД со површина од 71.5 милиони хектари, на второ место е Бразил со 52.8 милиони хектари, потоа следува Аргентина со 24 милиони хектари, Канада со 12.5 милиони хектари и Индија со 11.9 милиони хектари.
Исто така со помали површини во оваа листа влегуваат и Парагвај (4.1 мха), Кина (3.2 мха), Јужна Африка (2.7 мха), Пакистан (2.5 мха), Боливија (1.4 мха), Уругвај (1.2 мха) и Филипини (0.9 мха).
Иако првата помисла е дека ГМ културите доминираат во прехранбената индустрија за широката потрошувачка, всушност повеќето од ГМ културите се одгледуваат за индустриска преработка или пак за исхрана на добитокот.
Пченка
Пченката е една од најодгледуваните ГМ култури во светот. ГМ пченката е создадена за да биде отпорна на одредени инсекти или пак да биде толерантна на хербициди за полесно управување со плевели. Преку произведување на протеин кој делува инсектицидно, ГМ пченката ја намалува потребата за апликација на инсектициди и во исто време го намалува негативниот ефект од штетниците. Голем дел од производството влегува во состав на процесирана храна и пијалоци или за исхрана на добиток и живина.
Соја
Исто така една од најодгледувани култури која што всушност повеќе се одгледува како ГМО отколку во својата природна форма е сојата. Се користи за исхрана на разни видови животни и за правење на соино масло. Исто така се користи и како состојка (лецитин, емулгатори и протеини) во процесираната храна.
Памук
ГМ памукот е создаден за да биде отпорен на одредени видови на инсекти (совици). Најчесто е користен за создавање на висококвалитетна памучна волна за текстилната индустрија, но исто така се користи и семето за производство на масло кое што се употребува во прехрамбената индустрија. Остатоците од семето се користат за исхрана на животни.
Компир
Оваа култура е генетски модифицирана поради две причини. Едната причина е да се создаде отпорност од одредени штетници и болести, додека пак втората е да се зголеми пазарната вредност на компирот со создавање на вид кој при транспорт, пакување и складирање не создава помодрени делови. Компирот што не помодрува ги има истите квалитативни карактеристики од обичниот компир и има подобра искористеност бидејќи луѓето сметаат дека помодрувањето е резултат на скапување и така почесто се фрла сосема здрава храна.
Маслодајна репа
Маслото од оваа култура најчесто се користи како масло за јадење или производство на маргарин. Исто така се користи и како додаток во исхраната на животните или пак се додава во процесираната храна за подобрување на конзистентноста. ГМ растенијата кои што се одгледуваат најчесто се резистентни на хербициди за подобро справување со плевелите.
Луцерка
Исто како маслодајната репа, ГМ луцерка е отпорна на хербициди за успешно управување со плевели. Доколку имаме голем број на плевели во посевот тие го намалуваат квалитетот и приносот.
Јаболко
Создадени се неколку сорти на јаболка со генетски инженеринг. Во овие сорти е воведена нова генетска карактеристика што овозможува резистентност спрема потемнувањето на јаболката при сечење. Со ова се намалува органскиот отпад, бидејќи голем дел од потрошувачите мислат дека јаболката се скапани доколку отстојат подолго време.
Шеќерна репка
Во САД повеќе од половина произведен шеќер има потекло од ГМ шеќерна репка. Културата е со резистентност на хербициди и дава можност на произведувачите полесно да се справат со плевелите.
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.