Организацијата на потрошувачи на Македонија бара ограничување на цените за основните производи
Поради покачувањето на цената на струјата и предвидувањата дека како резултат на тоа, се очекува храната да поскапи за 40 до 50 проценти се огласи Организацијата на потрошувачи на Македонија. Тие апелираат дека овој ценовен шок најмногу ,,ќе удри” по џебот на потрошувачите.
– Како организација на потрошувачи во Македонија не можеме да мируваме и сме исплашени за моменталната ситуацијата. Веќе порастот на цените на производите од 5 до 10% е товар за граѓаните, вели Маријана Лончар-Велкова од Организацијта на потрошувачи во Македонија.
Тие сметаат дека мораат да бидат вклучени во сите дискусии за цените.
-Нашиот апел до бизнис заедницата и Владата е да се погрижи за ограничување на цените, барем за основните производи како што се маслото, брашното, лебо, шеќерот, солта и млекото, додава Велкова за „Утрински брифинг“.
Премиерот Заев, вицепемиерот Битиќи и министерот за економија, Крешник Бектеши, завчера изјавија дека состојбата будно се следи и дека ако треба, државата ќе интервенира.