Поплавени земјоделски површини и подруми на куќи во Кочанско

Поплавени земјоделски површини и подруми на куќи во Кочанско

 

Обилните врнежи од дожд и топењето на дел од снегот на планините Плачковица и Осогово се причина за зголемување на водостојот во речните корита во кочанскиот регион и излевање на водата во земјоделските површини и во подрумски простории на куќите.

Најкритична е состојбата со реката Зрновка во близина на вливот во Брегалница, чие излевање поплави околу 50 хектари оризови површини и тие се целосно уништени. Целосно е урнат речниот брег во должина од стотина метри и водата непречно поминува низ нивите. Првичните проценки на земјоделците се дека е предизвикана штета од десетина милиони денари.

Причина за поплавувањето подруми и дворови во Спанчево е излевањето на одводниот канал што минува низ селото, чиј капацитет беше недоволен да го прифати зголемениот доток од водотеците.

– Ноќеска интервениравме со три наши и една екипа од Доброволното противпожарно друштво од Кочани, кои со пумпи и друга опрема ја црпеа водата од куќите, а околу два часот по полноќ состојбата беше ставена под контрола. Во интервенцијата се вклучија и вработени од водостопанската подружница „Брегалница”, кои го прекопаа каналот и ја испуштија водата во околните ниви. Наша екипа останува дежурна на терен и го следи развојот на ситуацијата, истакна Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица од Кочани.

Зголемениот доток во реката Брегалница предизвика брзо полнење на браната Калиманци, но засега таа ги акумулира сите количини и нема испуштање на водата.

-Последните мерења покажуваат дека има доток од по 60 кубни метри вода во секуна, односно дневно се влеваат по шест милиони кубни метри, што е далеку над вообичаениот просек. Во браната во моментот има акумулирано околу 50 милиони кубни метри вода, односно нешто под половина од нејзиниот капацитет, поради што нема потреба од празнење, истакна Дени Митров, раководител на водостопанската подружница „Брегалница” од Кочани.

Покачен водостој има и реката Масалница, а поради нивото на подземните води оневозможено е довршувањето на задоцнетата жетва на оризот на одделни парцели во атарот на селото Грдовци што останаа под вода.

 

Извор: МИА

 

Категории: Вести