Урбаните системи за храна претставуваат мрежи на активности и ресурси кои се вклучени во производството, преработката, дистрибуцијата и конзумирањето храна во градовите. Со оглед на тоа дека процентот на луѓе кои живеат во урбани средини рапидно се зголемува на глобално ниво, важноста за развој на одржливи и отпорни урбани прехранбени системи станува поитна.
Урбаното земјоделство произлегува од потребата за развивање на практики на одгледување храна во градовите и е еден од начините на кои урбаните прехранбени системи може да се направат поодржливи. Одгледувањето на храна во урбаните места може да има многу форми, вклучувајќи урбани градини наменети за употреба од страна на општата популација и локално население (општествени градини), градини на покриви од згради, одгледување на култури во затворени простории, вертикални фарми и.т.н. Со одгледување храна во градовите се овозможува да се намалат емисиите поврзани со транспортот и да се обезбедат свежи, здрави производи за урбаните заедници.
Покрај урбаното земјоделство, постојат други компоненти на одржливиот урбан систем на храна. На пример, развојот на кратки синџири за снабдување со храна може да помогне да се намали негативносто влијание врз животната средина од транспортот на храна, а истовремено на тој начин се подржуваат локалните фармери и бизниси.
Секако, развојот на одржлви урбани системи за храна не е без свои предизвици. Во многу градови, пристапот до земјиште и други ресурси може да биде ограничен, што претставува реална препрека урбаното земјоделство да земе поголем замав. Може да има и регулаторни бариери, како што се законите за зонирање и прописите за здравје и безбедност, кои го отежнуваат развојот на урбаното земјоделство од мал обем.
Но и покрај ваквите предизвици, многу граднови низ светот преземаат чекори за развој на поодржливи и поотпорни урбани системи за храна. Од урбани градини и развој на нови пазари за фармери до иновативни програми и политики за намалување на отпадот од храна, намалена стапка за загаденост на животна средина, развивање на циркуларна економија се дел од придобивките кои произлегуваат од градење на стабилен и одржлив систем на храна во иднина.
Наведените проблеми се токму фокус на проектот CITIES2030 („Ко-креирање на стабилни и одржливи системи на храна во согласност со FOOD2030“) кој има главна цел да создаде урбани системи за храна и екосистеми адаптирани на претстојните предизвици каде централно место ќе има човекот. Проектот CITES2030 ќе ги обедини истражувачите, претприемачите, лидерите на граѓанското општество и сите чинители на урбаните системи за храна и екосистемите, кои заедно ќе работат во насока на трансформација и преструктуирање на начинот на производство, транспорт, снабдување, рециклирање и повторна употреба на храната во 21 век.
Проектот CITIES2030 со траење од четири години (2020-2024) e финансиран од Европската Унија преку програмата за истражување и иновации Хoризонт 2020. Конзорциумот на проектот CITIES2030 е составен од 41 партнер од 19 европски земји, а дел од партнерите се и македонската компанија АгФутура Технологии, како и македонското здружение Платформа за зелен развој.
Автор: Ангела Живачки
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.