Што треба македонските фармери да знаат за Заедничката земјоделска политика на ЕУ?

Што треба македонските фармери да знаат за Заедничката земјоделска политика на ЕУ?

 

Специфичноста на земјоделскиот бизнис произлегува од тоа што: и покрај големиот придонес на фармерите, нивните приходи се за околу 40 % пониски во споредба со приходите во неземјоделскиот сектор, постои голема зависност на земјоделството од временските околности и климата и потребно е време за фармерот да излезе во пресрет на побарувачката за земјоделски производи. Фармерите денес покрај фокусот на трошоците, не треба да го занемарат и влијанието на нивните активности врз животната средина, одржливоста, зачувувањето на почвите и биодиверзитетот. Сето ова претставува голем предизвик во делот на исполнување на целите на Заедничката земјоделска политика на ЕУ и Стратегијата „Од фарма до вилушка“.

Заедничката земјоделска политика на ЕУ (ЗЗП) претставува рамковна легислатива за земјоделството во ЕУ која се финансира од буџетот на ЕУ. Оваа политика постои од 1962 година и претставува партнерство помеѓу земјоделството и општеството и помеѓу Европа и нејзините фармери. Целите на ЗЗП се однесуваат на: поддршка на фармерите и подобрување на земјоделската продуктивност што би овозможило стабилно снабдување со лесно достапна храна, овозможување пристоен живот на европските фармери, помош при справувањето со климатските промени и одржливо управување со природните ресурси, одржување на руралните области и предели во ЕУ и одржување на руралната економија преку унапредување на земјоделството, земјоделско-прехранбената индустрија и поврзаните сектори.

Активностите во рамки на ЗЗП се поврзани со:

1) поддршка на приходите на фармерите преку директни плаќања (субвенции) што овозможува стабилност на нивните приходи и воедно награда за применетите земјоделски пракси кои се добри за животната средина, како и за тоа што овозможуваат јавни добра кои вообичаено не се платени на пазарот, како што е грижата за руралните средини;

2) пазарни мерки за справување со тешки пазарни ситуации, како што е ненадејно опаѓање на побарувачката поради здравствена закана или опаѓање на цените како резултат на привремена прекумерна снабденост на пазарот и

3) мерки за рурален развој со национални и регионални програми кои се однесуваат на специфичните потреби и предизвици во руралните средини.

 

Првиот столб од ЗЗП се однесува на субвенциите кон фармерите кои не се поврзани со количината на нивното земјоделско производство, туку со површините со кои располагаат, како и мерки поврзани со исполнување на целите поврзани со животната средина и климатските промени (диверзификација на земјоделските култури, постојана заштита на тревните површини и области со еколошки фокус). За фармерот да добие субвенција по правилата на ЗЗП потребно е да ги исполни минималните барања кои вклучуваат исполнување на статуарните менаџмент барања (SMRs) како и тоа да го одржуваат нивното земјиште во добра земјоделска и еколошка состојба (GAEC).

Статуарни менаџмент барања

Сите фармери, без разлика дали добиваат поддршка во рамките на ЗЗП или не, мораат да ги почитуваат статутарните менаџмент барања. Овие правила вклучуваат ЕУ правила кои се однесуваат на јавното здравје, како и здравјето на животните и растенијата; благосостојба на животните и животната средина.

Добра земјоделска и еколошка состојба (GAEC)

Покрај статутарните менаџмент барања, фармерите кои добиваат поддршка во рамки на ЗЗП имаат обврска да ги почитуваат стандардите на ЕУ за добра земјоделска и еколошка состојба (англ. good agricultural and environmental condition of land -GAEC). Овие стандарди се поставени со следниве цели: спречување на ерозија на почвата преку дефинирање на минимум растителна покривка на почвата и минимум пракси за управување со земјата; одржување на процентот на органските материи во почвата и структурата на почвата; одржување на перманентни пасишта; заштита на биодиверзитетот и осигурување на зачувување на карактеристики на пределите, на пример преку забрана за сечење на чиви огради и дрвја во периодот на размножување на птиците и нивниот развој; заштита и управување со водите преку основање на тампон зони по течението на водите, доделување на дозволи за вода за наводнување и заштита на подземните води од загадување.

Вториот столб од ЗЗП постои со цел да го поддржи развојот во руралните области преку економски и социјални шеми и истиот содржи доброволни стимулации преку програмите за рурален развој.  Овие програми може да поддржат многу практични активности со цел ублажување на емисиите на стакленички гасови и адаптирање кон климатските промени: одржливо управување со почвите, органско земјоделство, покривни култури, минимум или отсуство на обработка на почвата, интеграција на легуминози во плодоредот, обновување на водни површини итн. Овие земјоделски пракси може да резултираат со пониски емисии на стакленички гасови и да обезбедат поголема прилагодливост кон влијанијата од климатските промени.

ЗЗП се финансира преку два фонда, како дел од буџетот на ЕУ: Европскиот земјоделски гарантен фонд – EAGF (директна поддршка и пазарни мерки) и Европскиот земјоделски фонд за рурален развој (EAFRD) (рурален развој). За разлика од првиот столб кој целосно е финансиран од ЕУ, вториот столб е ко-финансиран од EAFRD, регионални и национални фондови, при што придонесите варираат во согласност со регионот, типот на мерки како и националните политики на државите кориснички. Со плаќањата се управува на национално ниво во секоја од земјите членки, а во согласност со правилата на ЕУ за транспарентност се објавуваат корисниците на плаќањата.

Последните реформи на ЗЗП беа донесени во 2013 година и тие првично се однесуваа на воведувањето на нови еколошки барања како услов за фармерите да добиваат субвенции. Актуелни се преговорите за новите реформи на ЗЗП после 2020 година  и овие реформи ќе бидат фокусирани на измени во начинот на имплементација на ЗЗП, односно поголем дел од одговорноста во врска со спроведувањето на ЗЗП ќе им припадне на самите земји членки на ЕУ. За нашата држава е особено важно како ќе се одвиваат овие преговори и насоките кои ќе произлезат од нив, бидејќи уште пред пристапувањето кон ЕУ треба да се ориентира кон постигнување на усогласеност со институционалната и економска рамка на Европската земјоделска политика, преку вложување во подготовка на јавната администрација и корисниците на мерките на ЗЗП.

 

Автор: д-р Викторија Илиева

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.