Агро Белград: На македонскиот штанд претставени девет домашни компании
На покана на српскиот министер за земјоделство и вицепремиер Бранислав Недимовиќ, денеска во Белград министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски го посети саемот „Агро Белград 2022“.
Во своето поздравно обраќање министерот Николовски ги потенцираше придобивките од Иницијативата „Отворен Балкан“ и од учеството на ваквите саемски манифестации
– Прво видов како македонскиот ајвар од Гевгелија до Белград стигнува за само неколку часа, без царински процедури без чекања без дополнителни трошоци со признавање на сите анализи. Неколку часа се потребни од Северна Македонија до тука, до секое семесјтво, до секоја полица да се најдат нашите македонски производи вклучително и производите на сите земји вклучени во оваа одлична иницијатива. Драго ми е што повторно имаме девет македонски компании коишто се претставени тука и како министерство ќе ја продолжиме поддршката за саемските манифестации. Северна Македонија е лидер во искористеноста на европските ИПАРД-фондови, ние сме целосно фокусирани на преработувачката индустрија, на мерките за младите, за жените, на дигитализацијата на земјоделството, на инвестиции во преработувачките капацитети, на иновациите, на ставањето во функција на развојот на сите природни ресурси коишто ги имаме, и секако дека оваа година ќе понудиме нови мерки и политики и за директни плаќања и за рурален развој, изјави Николовски.
Притоа министерот Николовски, како што соопшти МЗШВ, потенцираше дека С. Македонија е земјоделска земја, над 20 отсто од БДП отпаѓа на земјоделството и најголем дел од луѓето се ангажирани токму во земјоделството.
-Ваквите саеми и иницијативата „Отворен Балкан“ со отворените граници ќе придонесе земјите од регионот и сите останати успешно да разменуваат искуства, практики и знаења што ќе овозможи поинтензивна и зголемена економско-трговска соработка во регионот, рече министерот Николовски.
На саемот „Агро Белград 2022“ има македонски штанд на кој учествуваат девет домашни компании, со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.