Анализа со АХВ: Потрошувачите да се информираат за здравствените и нутритивни ознаки на производите, ние вршиме редовни контроли

Анализа со АХВ: Потрошувачите да се информираат за здравствените и нутритивни ознаки на производите, ние вршиме редовни контроли

 

Македонските граѓани јадат безбедна храна, уверува Агенцијата за храна и ветеринарство. Од АХВ за Моја Фарма велат дека само за првите шест месеци биле извршени 24 илјади контроли и уништени над 105 тони небезбедна храна. Потрошувачите треба да се заштитат и од несоодветен квалитет, различни нутритивни вредности од декларацијата и разлики во физичките карактеристики и состојки.

Која е главната цел на кампањата Информирај се пред да консумираш?

-Кампањата за подигнување на јавната свест за заштитата на интересот на потрошувачите, за означување на храната, потенцирајќи ги информациите за составот на храната и правилата за здравствени тврдења, се спроведува во рамки на проектот Подобрена имплементација на здравјето на животните,безбедноста на храната и фитосанитарното законодавство и соодветните информациски системи. Главна цел на проектот е заштита на здравјето на луѓето, животните и растенијата, со цел подобрување на конкурентноста на македонските земјоделско–прехранбени производи на европскиот и светскиот пазар.

Целта на кампањата ИНФОРМИРАЈ СЕ ПРЕД ДА КОНСУМИРАШ која се реализира во рамки на овој проект е едуцирање на потрошувачите за  важноста на правилното означување на храната како основа  за поголема безбедност на крајните потрошувачи и избегнување на можноста од нивна манипулација и пласирање на лажни информации преку декларациите на производите, што ја доведуваат во заблуда целокупната јавност.

Секоја храна која е наменета за достава до крајниот потрошувач или до големите снабдувачи со храна и до угостителските објекти, мора да е придружена со соодветни информации поврзани со храната, утврдени согласно закон.

Кампањата за подигнување на јавната свест содржи општи информации и специфични информации за означувањето на храната, насоки како да се препознае лажна декларација, да се препознаат сите досегашни проблематични производи со лажна ознака, со акцент на здравствените тврдења, а истовремено бизнис операторите да ги сфатат своите обврски и да се придржуваат кон правилно обележување на производот кој го нудат на пазарот, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

АХВ нутритивни ознаки

Кои едукативни и информативни алатки се ставени на располагање на граѓаните за подобро разбирање на неопходните информации поврзани со здравствените тврдења на комерцијалните производи?

-Во рамки на оваа кампања за едукација на потрошувачите, под мотото ИНФОРМИРАЈ СЕ ПРЕД ДА КОНСУМИРАШ, подготвени се видео и радио спотови кои се емитуваат на јавниот радиодифузен сервис Македонска телевизија и на Македонско радио, испечатени се лифлети кои ќе се делат преку маркетите, постери и билборди.Сите информативо-промотивни алатки подготвени се на Македонски и на Албански јазик.

Подетални инфромации можат да се добијат на веб страната на АХВ: http://fva.gov.mk/mk/ipa-proekt-kampana-podignuvane-javna-svest-zashtita-interesot-potroshuvachite-preku-podobruvane-baranata-oznachuvane-khranata-potencirajki, како и на фејсбук страната на АХВ: https://www.facebook.com/fva.gov.mk, велат од Агенцијата за Моја Фарма.

Дали се вршат редовни контроли врз производите и во поглед на здравите придобивки кои се рекламираат, како и за нивната назначена нутритивна вредност, имате ли капацитет за таков вид на проверки?

-Контролирањето на означувањето на производите, вклучително и на означувањето, поточно и на истакнатите нутритивни и здравствени тврдења кои задолжително мора да се одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство пред тие да се стават во промет, задолжително се дел од инспекциските контроли и на официјалните ветеринари и на инспекторите за храна. Покрај редовните контроли, кои согласно Годишниот план за инспекциски контроли ги спроведуваат инспекторите за храна и официјалните ветеринари, се спроведуваат и вонредни, засилени контроли, како и контроли кои се вршат врз основа на поднесените претставки од страна на граѓаните, преку Одделението за заштита на потрошувачите на Агенцијата за храна и ветринарство.

АХВ има капацитет за спроведување и на ваков тип на проверки бидејќи тие се дел од секоја инспекциска контрола, тврдат од АХВ.

 Кои се главните резултати кои ги очекувате по завршување на кампањата и кои би биле следни чекори?

-Подигнување на јавната свест за значењето на означувањето на храната, менување на навиките на потрошувачите од аспект на поголема посветеност на читање на декларациите на производите и информирање за нивниот состав, рокот на употреба, присуството на алергени кои задолжително треба да се означени на секој производ, како и на други елементи од доброволните и задолжителните информации кои треба да ги содржи декларацијата на секој производ, со цел заштита на здравјето на потрошувачите, односно заштита од појава на евентуално труење или алергиски реакции кои може да ги предизвика одредена категорија на храна.

Преку комуникациските алатки кои ги обезбедува оваа кампања посебно очекуваме потрошувачите да обрнуваат внимание на здравствените тврдења кои не се вистинити и се најчеста можност на измама, посебно производи кои наведуваат дека помагаат во лечење на тешки болести.

Во наредниот период до крајот на месец август, претставници на АХВ ќе бидат присутни на терен, во поголемите маркети, каде ќе можат да воспостават директен контакт со крајните потрошувачи, подетално да ја објаснат целта на кампањата и пораките кои АХВ сака да ги пренесе на пошироката јавност. Преку конкретни примери потрошувачите ќе бидат запознаени со можните заблуди поврзани со здравствените тврдења, кои можат да бидат наведени на производот само ако се одобрени, односно научно докажани, сметаат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Колку контроли се направени во изминатиот период споредено со лани, дали имаме зголемен тренд на повлечени производи, колку е безбедна храната што ја конзумираат македонските граѓани и дали таа одговара на декларираниот квалитет, својства и карактеристики?

-Македонските граѓани генерално јадат безбедна храна иако инциденти секогаш се можни. За нивно превенирање и спречување АХВ активно соработува  со сите државни институции вклучени во синџирот на безбедна храна, невладионот сектор и со операторите со храна и нивните асоцијации и организации со кои АХВ има потпишано меморандуми за соработка.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во првите 6 месеци од годинава спроведоа 24 илјади контроли и како небезбедни уништија над 105 тони храна.

Како одговорна институција за безбедноста на храната ги охрабруваме граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, но и лично, или на електронската пошта info@fva.gov.mk, заклучуваат од АХВ.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Агро Политика