Со над 10 милиони евра субвенции, протести и проблематичен откуп, лозарите секоја година во небрано

Со над 10 милиони евра субвенции, протести и проблематичен откуп, лозарите секоја година во небрано

 

Лозарите секоја година во небрано, државата троши над 10 милиони евра за субвенции, а секторот е во се потешка состојба, младите незаинтересирани за работа на лозјата, работната сила тешко се наоѓа и е сè поскапа, а откупот го одбележуваат блокади и протести.

Откупот на грозје речиси секоја година е проследен со проблеми и протести на лозарите, тактизирање на винариите и откупувачите и интервенција на државата.

Годинава повторно откупот на грозјето, барем за лозарите кои немаат директни договори и кои очекуваат однапред формирани цени, значи и незадоволство кое треба да биде надминато со државна помош, односно зголемување на субвенциите за предадено грозје.

Лозарите одржаа одвоена средба со министерот Хоџа на која побараа почитување на договорените откупни цени од винариите, како и дополнителна субвенција од 1 денар за килограм предадено грозје, подобра контрола на откупните центри и почитување на минималната шекерна вредност на висококвалитетните сорти.

„Ние остануваме на нашите барања, како за зголемен износ на субвенции за директна поддршка на лозарите, така и за почитување на договореното со винариите. Засега нема да го блокираме регионалниот пат бидејќи не сакаме да има попречување на откупот, но ако не се најде решение за нашата тешка состојба која трае веќе неколку години, ќе бидеме принудени на порадикални чекори“, посочува Дане Јошев од здружението Тиквешки лозаро-овоштари.

Лозарите се пред катастрофа

Дане Јошев

Колку државата троши на субвенции?

Според проценките, државата годишно троши меѓу 10 и 15 милиони евра од вкупниот буџет за субвенции во земјоделството што ја прави оваа гранка една од најмногу финансираните од парите на граѓаните.

За одржување на лозови насади државата преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството во изминатите три години исплатила над 27 милиони евра.

Исплатени субвенции за мерка 1.11 Директни плаќања за оддржување на лозови насади

8.9 милиони евра за 2021 година

9,4 милиони евра за 2020 година

9 милиони евра за 2019 година

Бројот на лозари кои добиле субвенции од државата се зголемува, па така за последната исплата биле префрлени средства на над 14 илјади сметки.

Овие субвенции се исплаќаат претежно во текот на март, односно пред почетокот на следната реколта. Но, проблемите се јавуваат кога грозјето е веќе во сезона на берба и треба да се пласира на пазарот.

Во последните три години лозарите најчесто протестираа за формираните цени кои беа договарани со винариите, а во просек се движеа до 13 денари за вранец и 11 денари за смедеревка. По протестите ресорното министерство ветуваше исплати на дополнителна субвенција од 2 до 4 денари за предадено килограм грозје на винариите.

На почетокот на септември државата по направениот ребаланс изврши исплата од 2,4 милиони евра на околу 6.000 лозари по основ на мерката 1-10а и 1-10б, односно за произведено и предадено грозје во преработувачки капацитети, што дополнително треба да ги поддржи лозарите.

Лани во февруари државата исто така исплати над 150 илјади евра за предадено, а ненаплатено грозје на 325 лозари. Дополнителните средства беа исплатени за пропаднатите винарии кои не ги исплатија лозарите во периодот од 2014 до 2016 година. Вкупно државата издвои 1,6 милиони евра за надомест на над 2.500 лозари.

Со овие бројки се доаѓа до сума од над 10 милиони евра како поддршка од државниот буџет за лозарите, кои и натаму се жалат дека единствениот профит со оглед на високите трошоци, и ниските откупни цени во изминатите години, го базираат само на дополнителните средства кои им се исплаќаат како субвенции.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Агро Политика