Сточарите возвраќаат: Не можеме повеќе да опстоиме, протестите не се политички мотивирани

Сточарите возвраќаат: Не можеме повеќе да опстоиме, протестите не се политички мотивирани

Организирањето на протестите на сточарите нема политички мотиви, стоката не бара политика и не разликува дали ќе има работник од една или друга политичка партија. Сточниот фонд е 70% намален и ќе се намалува и понатаму, вели Тони Петковски, сточар од Витушина и еден од организаторите на земјоделските здруженија како потпретседател на земјоделско-сточарско здружение „Пелагонско поле“.

„Лично јас 20 грла и 25 хектари обработлива површина ги дадов на оглас и ќе ги продавам. Веќе не можам да опстојам и нашите трошоци се многу повисоки. Со 42 тони предадено млеко за 2020 да не можам да преживеам со мојата мајка од 85 години е неразбирливо. Министерот може да каже секаков коментар, а јас можам да му предложам да одговори на 10 прашања, па да видиме што ќе каже. Кога бевме на средба на 6 март годинава во Скопје тогаш ми се пофали дека ќе развива модерно земјоделство. Како кога земјоделското училиште во Битола е затворено, нема нови матуранти, затворена е и вишата школа. Како без соодветен кадар ќе градиме модерно сточарство“ посочува Петковски за Моја Фарма.

Претходно Аријанит Хоџа министерот за земјоделство обвини дека се работи за група луѓе кои се злоупотребени политички.

„Кога се генерализира „битолските млекари“, треба да се каже дека се работи за одредена група која постојано се злоупотребува политички. Сум се видел со луѓето и немам намера да одговарам на таквите прозивки. Во делот на сточарството сум имал средби со Сојузот на сточари, а сум во постојана комуникација со нив и следната недела ќе има јавна дебата за Законот за пасишта. Со ребалансот на Буџетот ќе се исплатат сите субвенции за сточарството“, посочи Хоџа.

Цената на нафтата се покачува, а нашите производи паѓаат надолу се жалат сточарите. Цената на пченицата е 10 денари, а сточната храна која е најмалку квалитетна е 13 денари килограм. Тоа самото кажува колку се вреднува нашето производство. Ветеринарите работат со 30% повисоки цени кои не можеме да ги поднесеме. Земјоделецот е дојден на колапс. Кога јас не можам да преживеам со толку големо производство, не знам како другите помали земјоделци ќе преживеат – потенцира Петковски.

– За споредба во Хрватска за млечна крава се доделува 800 евра, во Словенија за чување на женско теле за доделува од 800 до 1000 евра, а ние увезуваме грла од трета класа од Холандија. Не може ние со 50 евра по грло додаток и со овие откупни цени на млекото кои не се сменети во последните 15 години од 15 денари за литар да одиме напред. 25 месеци ги чекаме субвениите, а во меѓувреме како да ја нахраниме стоката, како да ги покриеме нашите трошоци – се жалат сточарите.

Протестот дефинитивно ќе се одржи на 12 јули, освен ако дотогаш нема некаква гаранција дека ќе има исплата на субвенциите со јасен договор кој ќе ги задоволи барањата на сточарите.

Министерот Хоџа истакна дека субвенциите за сточарите ќе бидат исплатени со ребалансот на Буџетот.

Х.С.

Категории: Агро Политика, Вести