Бабовски: ,,Развивме нова стратегија за безбедност на храна во периодот од 2021 до 2025 година”

Бабовски: ,,Развивме нова стратегија за безбедност на храна во периодот од 2021 до 2025 година”

 

,,Граѓаните можат да бидат мирни. Храната што ја јадеме е безбедна. Контролите се континуирани и зајакнати, надзорот се засилува, а бројот на инспекции е зголемен, уверува директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ)’’ – Николче Бабовски.

Во разговорот за МИА по објавувањето на Извештајот од Европската комисија, Бабовски подвлекува дека има и небезбедни пратки, но ниту една до нив не влегува на пазарот. Веднаш се реагира и се постапува крајно професионално. Производот во соработка со економските оператори, се повлекува од маркетите, но само онаа линија која е пријавена како небезбедна и тука не смее да има никаква забуна или дилема.

Бабовски се осврнува и на конкретните забелешки во Извештајот, на реорганизацијата во работењето на АХВ, но и на проектот за отворање кафилерија со која конечно треба да се реши прашањето за нештетно отстранување на угинатите животни.

Бабовски најавува дека за една или 1,5 година во АХВ треба да профункционира сосема нов софтверски систем кој со еден клик ќе овозможи добивање на сите податоци во секое време.

Максимално се трудиме во државава да има безбедна храна, независно дали се купува во маркетите, во угостителските објекти или во објектите за брза храна. Граѓаните мора да знаат дека во продажба некогаш останува некоја трговска марка иако одреден лот од нејзиното производство бил пријавен како небезбеден. Тоа не значи дека целото производство од таа трговска марка е небезбедно и штетно. Затоа ние преку соопштенија точно кажуваме кој лот, од кој процес на производството на таа трговска марка се повлекува, објаснува Бабовски.

Тој укажува дека, сепак, и потрошувачите треба да внимаваат што купуваат, да ги читаат внимателно декларациите.

На пакувањето веќе мора да се обележани и алергените, зошто некоја храна иако е безбедна, не е за секого здрава. Има луѓе со здравствени проблеми. Исто така е важно да се внимава пакувањето на храната да не биде оштетено. Едни со други треба да си помогнеме, истакнува директорот на АХВ.

Во Извештајот на ЕК ветеринарната политика повторно беше една од најдобро оценетите поглавја. Тоа, вели Бабовски, е веќе континуитет.

Високите оценки на Европската комисија не се прво искуство на АХВ. И во претходните извештаи во континуитет сме ги добивале. Според стандардната скала од еден до пет, дадена ни е оценка четири и со тоа спаѓаме во ретките институции во државата кои се така високо оценети во годинашниот Извештај. Развивме нова стратегија за безбедност на храна која го опфаќа периодот од 2021 до 2025 година, а Националниот систем за брзо предупредување за храна и храна на животни, како и Системот за внатрешна ревизија и обука се во функција и според условите на ЕК. Постои добро ниво на подготвеност и во однос на ветеринарното законодавство и безбедноста на храната. Системите за контрола на внатрешниот пазар и за увоз на живи животни и производи од животинско потекло, оние за сертификација, софтверските системи и инспекциските места на граничните премини се усогласени со европското законодавство, напоменува директорот.

Според него, тоа во пракса значи комплетна контрола на храната. Ако при увоз документацијата е комплетна со сите потребни сертификати и внесена во системот, за еден ден издаваме соодветно решение, документ за реализација на увоз. Но, исто така, ако се работи за небезбеден производ, тогаш реагираме веднаш за да нема застој на кој било терминал зашто ние сме партнери на бизнис заедницата. Робата која е предмет на испитување доколку се јави сомнеж, е под надзор и забрана за ставање во промет додека не излезат анализите, но и тој процес, за кој се задолжени соодветните лаборатории, оди брзо. Не сакаме да предизвикаме никаква штета, вели Бабовски.

 

Извор: МИА

 

Категории: Вести