Блескаво крајбрежје, за блескава иднина – „Чиста Преспа, моја Преспа“, кампања која ветува!
Проработува еко свеста кај Македонецот, и тоа е за секоја пофалба! Сè почестите еколошки акции во кои активно учество земаат и помладите генерации се мелем за очите. Но, кога младоста и искуството ќе работат рака под рака, резултатите се секогаш одлични. Жителите на Преспа, сплотени, потпомогнати од бизнис заедницата, војската, ренџерската служба, вработени во јавните претпријатија и здравствени установи, како и јавни личности, изминатиот месец активно работеа на чистење на Преспаснкото крајбрежје и дислоцирање на дивите депонии, во рамките на кампањата „Чиста Преспа, моја Преспа“.
Во рамките на акцијата, како што информираа од Општина Ресен, биле исчистени плажите во Отешево, Сливница, Претор, Стење, патеката од туристичката населба Претор до Сливница, просторот околу болницата во Отешево, коритото на Голема Река, дворот на мониторинг станицата во Стење, депониите кај Коњско, Сливница, Царев Двор и Рудина…
Целта на кампањата „Чиста Преспа, моја Преспа”, според градоначалникот Живко Гошаревски, беше да се исчисти Преспа и да ја оставиме чиста за идните генерации.
– Го исполнивме ветувањето, дека за еден месец ќе ја ичистиме Преспа и ќе ја оставиме чиста за идните генерации. Остануваат уште некои делови за чистење, па затоа вработените во ЈП „Комуналец” ќе продолжат во создавањето на почиста Преспа. Сега е време за убава туристичка сезона и потсетување на нашиот слоган „Ајдее заедно да ја направиме Преспа почиста, поубава и позелена”. Не заборавајте на овој слоган и практикувајте го секојдневно, порача градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.
Во рамки на кампањата за чистење на Преспа, се одржаа и часови за едукација и обуки на најмладите во детските градинки и училиштата во Ресен, за селекција на отпад, заштита на животните, компостирање со цел подигање на јавната свест за заштита на природата.
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.