Бубамарите како корисни предатори – Моќни ловци, добредојдени во земјоделството, но и опасни за еко-системот
Бубамарите се едно големо семејство на помали инсекти (0.8-18 милиметри) и добар дел од нив се сметаат за корисни инсекти. Тие често се видливо обоени жолто, портокалово или црвено со мали црни точки на крилцата, со црни нозе, глави и антени. Повеќето бубамари имаат кружни до елипсовидни тела во форма на купола, со шест кратки нозе. Во зависност од видот, тие можат да имаат точки, ленти или воопшто да немаат обележување. Презимуваат во возрасна форма, секогаш соберени во купче на јужната страна од големи објекти како што се стебла и куќарки. Бубамарите како корисни предатори се добредојдени во земјоделството, но можат да бидат и опасни за еко-системот.
Како семејство, бубамарите се сметале за чисто месојадни, но сега се знае дека се сештојадни. Покрај пленот што го сакаат, повеќето грабливи бубамари вклучуваат и други производи во исхраната, вклучувајќи мед, полен, нектар и разни габи. Грабливите бубамари обично може да се најдат на растенија каде ќе се појави нивниот плен. Тие ги оставаат своите јајца блиску до својот плен, за да ја зголемат веројатноста ларвите лесно да го пронајдат пленот. Вкупниот животен век на бубамарите е просечно една до две години.
На следното видео можете да го видите целосниот развој на бубамарите:
Како најчест плен им се вошките и штитестите вошки, но не се ограничени само на овие два вида. Постојат случаеви кога поголемите видови на бубамари напаѓаат гусеници, ларви и јајца на молци и други поголеми инсекти.
На ова видео е прикажан предаторскиот процес на исхрана на бубамарите:
Иако се предатори, поради нивната инвазивност можат да станат и штетници. Таков е случајот од 1979 година кога во Северна Америка од Азија бил воведен видот Harmonia axyridis за биолошка контрола на вошки. Поради големата репродуктивна моќ, овие бубамари ги надминале сите други видови и моментално претставуваат голем еколошки проблем.
Затоа и нивната употреба како корисни предатори во земјоделството треба да се врши претпазливо за да не се наруши локалниот еко-систем.
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.