Војчеховски: Малите и средни фарми ќе добијат нова шанса со реформите на ЗЗП
Новата земјоделска политика на ЕУ ќе биде ориентирана кон малите и средни фарми, а директните плаќања ќе останат важен столб. Моја Фарма пренесува дел од интервјуто на европскиот комесар за земјоделство, Јануш Војчеховски, за Euractiv, по повод актуелните преговори неделава кои се очекува да завршат со дефинирање на многу отворени прашања во врска со новата Заедничка земјоделска политика на ЕУ.
Актуелна тема за европската земјоделска политика неделава се т.н. џамбо трилатерални преговори помеѓу Европската комисија (ЕК), Европскиот парламент (ЕП) и Европскиот совет (ЕС), со кои се очекува да се постигне голем напредок во поглед на реформите на Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), непосредно пред завршувањето на претседателството на Португалија со Европскиот совет. Во продолжение, ги пренесуваме клучните делови од интервјуто со Јaнуш Војчеховски европскиот комесар за земјоделство, во врска со неговите очекувања за претстојните преговори дадено за Еурактив.
- Пристапот во изминатиот период главно бил во насока на поддршка на поголемите фарми, но новата земјоделска политика треба да ги застапува интересите на сите фармери. Постојат грешки во претходната ЗЗП, меѓутоа новата ЗЗП нуди шанса за малите и средни фарми. Комесарот укажува на важноста земјоделството да има подобро влијание врз животната средина и климата, а во исто време новата ЗЗП да нуди поголеми придобивки за фармерите и тој смета дека овие две цели се комплементарни, односно земјоделството ориентирано кон заштита на животната средина е од корист пред сè за малите и средни фамилијарни фарми. Малите и средните фарми сè повеќе се изложени на притисокот од интензивното земјоделство со кое не можат да се натпреваруваат. Меѓутоа, токму со инструментите на Зелениот договор, тие може да користат придобивки како органски фармери, учесници во кратки синџири на снабдување итн. Можеби ваквата поставеност нема да ги задоволи барањата на индустриските земјоделци меѓутоа европскиот модел на земјоделство се темели на мали фарми и треба да се води сметка за нивната профитабилност. Комесарот додава дека голем проблем е концентрацијата на земјоделското земјиште – 52 % од земјиштето е во сопственост на само 3 % од соствениците на земјиште, а во текот на една деценија исчезнале 4 милиони мали фарми.
- Нема потреба од напуштање на постоечкиот систем базиран на директни плаќања. Директните плаќања се особено значајни за поттикнување на младите да се занимавват со земјоделство.
- Социјалната условеност треба да биде дел од реформите на ЗЗП. Покрај животната средина, климата и стандардите за благосостојбата на животните, важно е да се земе предвид и како корисниците на ЗЗП ги почитуваат правата на работниците. Проблемот со вклучувањето на социјалната условеност во ЗЗП е во различните системи на контрола и институционална поставеност во поглед на трудовата инспекција.
- Еко-шемите не се контрадикторни со правилата на Светската трговска организација. Еко-шемите се поддршка за оние фармери кои имаат позитивен придонес врз климата, животната средина и благосостојбата на животните, а не поддршка за земјоделското производство. Во поглед на еко-шемите како важен дел од зелената архитектура на новата ЗЗП, постојат два предлога: предлогот на ЕС е 20 % од директните плаќања да бидат резервирани за еко-шемите, додека пак ЕП и ЕК се залагаат за износ од 30 %.
Целото интервју може да го прочитате на следниот линк:
Автор: д-р Викторија Илиева
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.