Дали институциите во земјоделството ги реализирале капиталните инвестиции?

Дали институциите во земјоделството ги реализирале капиталните инвестиции?

 

Институциите за регулација, развој и поддршка на земјоделството во Македонија генерално се над просекот на државните институции според искористеноста на расположливите средства наменети за капитални инвестиции.

До крајот на јули годинава за капитални расходи државните институции потрошиле речиси 150 милиони евра од планираните 484 милиони евра. Реализицијата изнесува само 30% односно за повеќе од половина од годината искористени се само една третина од средствата наменети за капитални расходи.

vlada kapitalni investicii

Што се капитални инвестиции?

Од државниот буџет средствата кои се распределуваат за капитални инвестиции треба да се трошат во капитални проекти како изградба на инфраструктура, набавка на опрема, инвестиции во софтвер, унапредување на капацитетите на институциите, односно за подобрување на услугите на граѓанте и развој на економијата.

Колку капитални инвестиции се реализирани во земјоделството?

Институциите во земјоделството во првите седум месеци од годинава работат со добра динамика на искористеност на средствата за капитални инвестиции со мали исклучоци.

МЗШВ

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство има реализација на капиталните инвестиции од 75%, односно има потрошено 16 од 22 милиони евра за капитални расходи.

АХВ

Агенцијата за храна и ветеринарство која го регулира производството на храна и одгледувањето на животни исто така може да се пофали со висока стапка на реализација на буџетот за капитални инвестиции од 67%. АХВ за седум месеци потрошила 817 илјади евра од предвидениот буџет од 1,2 милиони евра.

АФПЗРР

Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој има реализирано половина од планираните капитални инвестиции. Оваа институција позната и како „платежна агенција“ до крајот на јули потрошила половина од 23 милиони евра за капитални инвестиции.

АПРЗ

Агенцијата за поттикнување на развој на земјоделството – Битола има реализација од 55% или потрошила повеќе од половина од 67 илјади евра наменети за капитални расходи.

ДИЗ

Државниот инспекторат за земјоделство иако има буџет од 234 илјади евра бележи понизок степен на реализација од скромни 16% или потрошил само 38 илјади евра на капитални инвестиции.

БРЗ

Бирото за регионален развој кое има индиректна улога во развојот на земјоделството во поглед на подобрување на инфраструктурата и основните потреби за еднаков развој на планските регионо, реализирало само 0,13% капитални инвестиции. Оваа институција на располагање има дури 7,2 милиони евра, но засега потфрла целосно во реализацијата.

Зошто потфрлаат плановите за капиталните инвестиции?

Речиси секоја година реализацијата на капиталните инвестиции е под очекуваното и проектирано ниво. Главните причини кои се провлекуваат се ниските капацитети на институциите да планираат, менаџираат и изведуваат капитални проекти со што би ги искористиле средствата од буџетот за подобрување на услугите, инфраструктурата и внатрешните капацитети. Секако, често се случува и репрограмирање на буџетските потреби, но по направениот ребаланс веќе секоја институција треба да има јасна визија кои пари ги има на располагање.

Х.С.

 

Категории: Агро Бизнис, Вести