Дали има страв кај земјоделците од скриени трошоци и клаузули во осигурувањето?
Меѓу најчестите грижи кај земјоделците во поглед на финансиските услуги е пред се стравот од можни скриени трошоци и нетранспарентните одлуки. Во голема мера недовербата се должи и на недостигот на информации, но и на нискиот степен на финансиска едукација.
Затоа, иако земјоделскиот сектор бележи раст на бројот на склучени полиси за осигурување, има простор за дополнителна покриеност и раст што ќе овозможи и поголема заштита на посевите.
Ризици во земјоделското осигурување
Осигурувањето на земјоделското производство се смета за најризичните производи за осигурителните компании, и оттука чести се загубите кои се јавуваат кај осигурителните компании од преголемата изложеност на овие ризици.
Тоа може да доведе во условите на осигурување на осигурителните компании да има исклучоци и ограничувања токму во опфатот на осигурителното покритие кое им е најпотребно на осигурениците.
Како да се заштитат и информираат земјоделците?
Земјоделците пред да склучат договор за осигурување треба добро да ги прочитаат условите. Информирани одлуки се носат само со доволно знаење и финансиска писменост.
Еден од начините земјоделците да се информираат е да ги следат упатствата и препораките на Агенцијата за супервизија на осигурувањето кои се јавно достапни. АСО како регулаторно тело исто така врши надзор, и наметнува обврски кон осигурителните компании за редовно информирање за било какви промени во процедурите на своите клиенти вклучително и земјоделците.
„Транспарентноста на осигурителниот пазар е приоритет на АСО. Агенцијата за супервизија на осигурување бара од осигурителните компании на нивните веб страни да ги објавуваат општите и посебни услови на осигурување и сите последователни измени. Истовремено постојано ги советува потенцијалните осигуреници да се информираат за условите на осигурување пред да го склучат договорот за осигурување“, вели Крсте Шајноски претседател на советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.
Покрај ова, со цел континуирано и квалитетно информирање и едукација на јавноста АСО во рамки на своите овластувања и можности редовно објавува податоци и информации за јавност за тековите и состојбите во осигурувањето, за постапувањата по претставките, ги поставува податоците на својата веб страница, а за нивна поголема видливост и достапност користи и профили на најзастапените социјални мрежи.
АСО го промовираше и специјализираниот портал за финансиска едукација на кој се достапни многу информации за едукација на широката јавност за областа осигурување.
Стратешки пристап кон зголемена финансиска писменост
Работата на осигурителните компании во земјоделскиот сектор треба да биде подобрена и од повеќе системски чекори за повисок степен на транспарентност и вклученост на населението во процесите.
Еден од нив е Стратегијата за финансиска едукација и инклузија усвоена од сите регулаторни тела во финансискиот систем: АСО, централната банка (НБРМ), Комисија за хартии од вредност (КХВ) и Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС).
Со овој стратешки документ сите регулаторни тела имаат синхронизација на активностите и размена на искуства и информации со цел зголемување на финансиската писменост на граѓаните преку нивна едукација и вклученост во општествените процеси.
Автор: Христијан Станоевиќ