Европските фармери кои одгледуваат свињи и кокошки ќе може да користат инсекти како сточна храна.
Европската комисија ги промени правилата и од септември свињарството и живинарството во ЕУ ќе може да се потпре на индустриски произведените инсекти како главен извор на протеини за сточната храна.
Експертите сега велат дека употребата на инсекти во масовни размери е шанса за поголема одржливост во земјоделството.
Од една страна се намалува притисокот врз животната средина за зафаќање на нови површини за производство на сточна храна базирана на соја, а од друга може да ја подобри благосостојбата на животните.
Извршната власт на ЕУ ја објави промената на регулативата како чекор „во патувањето кон поодржлив синџир на добиточна храна“ во согласност со стратегијата Фарма до вилушка (F2F), водечка политика на ЕУ која има за цел да ја преобликува животната средина и да ги спроведе климатските амбиции во европското земјоделство.
„Ќе игра важна улога во поттикнување на циркуларноста во производството на храна, истовремено подобрувајќи ја одржливоста и самодоволноста на европскиот сектор за сточарство“, рече претседателката на ИПИФФ, Адријана Касиљас.
Но, идилата со инсектите не ја прифаќаат подеднакво сите, особено не групите кои се залагаат за радикални реформи во сточарството. Организацијата Европска група за животните смета дека масовното индустриско производство на инсекти како сточна храна воопшто не е одржливо решение.
Напротив со тоа се мотивира задржување на статус кво во индустриското фармерство и масовното производство на месо. Оваа група смета дека одржливоста лежи во промена на исхраната на европско ниво која ќе се базира повеќе на растенија отколку на произведено месо.
Сигналот од европските институции може да биде позитивен и за македонските сточари кои би ја замениле сточната храна со протеини од инсекти без да ја намалат нивната конкурентност.
Извор: euractiv.com