Еко-шемите како инструмент за поттикнување одржливо земјоделско производство
Особено важна тема поврзана со реформите на Заедничката земјоделска политка на ЕУ (ЗЗП) после 2020 година се еко-шемите. Тие се инструменти на плаќање кои се условени со исполнувањето на одредени критериуми поврзани со заштитата на животната средина и климата од страна на фармерите. Тие се многу важен и составен дел од зелената архитектура на ЗЗП и од првиот столб на кој се однесува на директните плаќања. Еко-шемите се насочени кон поттикнување на фармерите да се свртат кон поеколошки пристап во земјоделското производство, односно одржливо управување со фармата и земјиштето и зачувување на јавните добра.
Иако не се од задолжителна природа за фармерите, еко-шемите се неизоставен дел од националните стратегиски планови за ЗЗП. Од Европската комисија се очекува да направи евалуација на еко-шемите во поглед на нивната усогласеност со целите на Европскиот зелен договор. Всушност, еко-шемите се новиот инструмент преку кој ЗЗП ќе ја поддржи транзицијата кон одржлив систем на храна и поттикнување на фармерите кон заштита на животната средина.
Европската комисија веќе објави листа на земјоделски пракси кои би можеле да бидат поддржани од еко-шеми во новата ЗЗП. Овие пракси вклучуваат: органско земјоделство, агро-екологија како што е ротирањето на култури со легуминози или сточарски систем со низок интензитет базиран на пасишта, јаглеродно земјоделство, конзервациско земјоделство или екстензивна употреба на перманентни пасишта; прецизно земјоделство за намалување на инпутите или употребата на прехранбени адитиви за намалување на емисиите на ентерична ферментација и пракси на одгледување добиток кои ја имаат предвид благосостојбата на животните и/или намалување на потребите за антимикробни супстанци.
Земјоделските пракси кои би можеле да бидат поддржани со еко-шеми, мора да ги исполнуваат следниве услови: тие мора да опфаќаат активности поврзани со климата, животната средина, благосостојбата на животните и отпорноста на антимикробни средства; треба да бидат дефинирани врз основа на потребите и приоритетите на национално/регионално ниво; тие би требало да придонесат кон постигнување на целите на Европскиот зелен договор.
Одлуката поврзана со финалниот дизајн на еко-шемите се очекува да биде донесена во текот на наредната година, односно по завршувањето на трилатералните преговори помеѓу Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент. Она на што земјите членки на ЕУ се фокусирани моментално е подготовката на националните и регионални стратегиски планови во согласност со деветте специфични цели на ЗЗП претставени во нацрт верзијата на регулативата.
Автор: д-р Викторија Илиева
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.