Енергетска криза на повидок, има ли решенија во Македонија?

Енергетска криза на повидок, има ли решенија во Македонија?

 

Растот на цените на основните енергенси од фосилните горива создава се поголема закана од голема енергетска криза која ќе ја погоди Европа, вклучувајќи ја и Македонија, иако засега Владата и Регулаторната комисија за енергетика уверуваат дека нема простор за паника.

Природниот гас, нафтата, како и јагленот односно сите фосилни енергенси бележат рекордни цени на светските берзи, највисоко ниво од пред пандемијата. Зголемената економска активност по закрепнувањето ги „подгреа” цените на енергенсите, а на слободниот пазар електричната енергија во Европа драстично се зголеми.

Ваквите ценовни скокови ќе влијаат на целокупната економија, а последици ќе има и врз животниот стандард на граѓаните. Во меѓувреме, Македонија треба да го зголеми домашното производство на струја од јаглен со набавка на лигнит од соседството со количина од најмалку 1,2 милиони тони доколку се реализира тендерот на АД Електрани.

Сепак, растот на цената на фосилните горива ја наметнува дилемата дали државата може да се потпре на обновливите извори на енергија и да изгради отпорен енергетски систем кој ќе издржи ценовно шокови, заштита на домаќинствата и обезбедување на потребите на природниот сектор.

 

Биогасни централи

Земјоделството може да биде искористено покрај за производство на храна и за производство на електрична енергија. ЗК Пелагонија уште во 2016 ја изгради првата биогасна централа која има мал капацитет да произведува и електрична енергија.

Биогасна централа од ваков вид се гради покрај сточарска фарма за искористување на био отпадот од сточарството. Арското ѓубре од кравите на фармата и ферментирање на фуражна пченка се користи во процесот на производство на струја со капацитет од 3 мегават часови.

 

Енергетска децентрализација

Енергетскиот систем е базиран на природни монополи и централизација во производството. Со енергетската демократија треба да се овозможи поголема децентрализација во одлучувањето на домаќинствата и приватниот сектор. Исто како што се формираат земјоделско задруги може да се регистрираат и енергетски задруги.

Енергетската задруга во земјоделството може заеднички да инвестира во изградба на соларни и ветерни капацитети за производство на електрична енергија за сопствени потреби, а вишоците да ги пласира на слободниот пазар за што ќе добива соодветен надомест.

Енергетските задруги функционираат на принципот на демократичност, односно секој член има еден глас во одлучувањето. Нивното здружување може да им помогне да набават опрема и да добијат повластени цени како и секој друг инвеститор, а за покритие да го искористат заедничкиот имот на задругата.

Обновливите извори на енергија се во фокусот и на Европската Унија за одговор на потенцијалната енергетска криза базирана на поскапувањето на фосилните горива, но транзицијата кон зелена енергија мора да се забрза и да се применат иновативни решенија.

 

Автор: Христијан Станоевиќ

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.