Житниот молец може да предизвика големи штети кај пченката која што се складира заедно со кочанот. Молецот, пред сѐ претставува складишен штетник бидејќи во текот на неговиот развој (во фаза на гасеница и јајце) тој се вгнездува во зрната пченка. Заразените зрна се најчесто шупливи и со непријатен мирис. Излезните дупки од зрната се слични со житниот жижок и ова служи за откривање присуство на штетникот во просториите за складирање.
Возрасните единки имаат должина од 1,3 сантиметри, кафеаво-сива боја и дамкави крилја. Јајцата ги снесуваат во празнините помеѓу зрната и веднаш по нивното излегување, ларвата се вбушува во зрното и ја пополнува отворената дупка на површината. Во внатрешноста на зрното поминува три фази на развој, хранејќи се од зрното.
Пред да премине во фаза на кукла, ларвата прави кружен отвор и остава само тенок слој, за подоцна полесно да излезе од зрното кога ќе премине во фаза на возрасна единка. Целосниот развој трае од 30 до 40 дена во зависност од температурата и релативната влажност. Оптимални услови за развој на житниот молец се 30 степени целзиусови и 75% релативна влажност. Обично има 4-5 генерации годишно во услови на незатоплени складишта, при што настанува период на „хибернација“ на ларвата во текот на најстудените месеци. Во затоплени складишта можат да развијат до 10-12 генерации годишно.
Бидејќи претставува складишен штетник, веројатноста за присутност на житниот молец е најголема во зрната кои што се складирани минатата сезона. Затоа најдобро е складираната количина на пченка да биде одделена со механичка бариера или пак доколку се работи за помала количина целосно да биде отстранета од складиштето.
Мониторингот може да се врши со помош на феромонски стапици. Стапиците се поставуваат над складираната пченка. Одредување на економски праг на штетност е невозможно, но со подолго следење можете да го одредите интензитетот на развојот на овој штетник. Доколку има преголемо размножување на житниот молец, како најдобро решение е фумигација со одредени инсектициди. Фумигацијата се врши во добро затворен простор за да се овозможи ефикасна контрола и опфат на активната материја до сите места во складиштето.
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.