Задруга на денот: Фарма органика обезбедува помош за откупот и избор на квалитетен саден материјал

Задруга на денот: Фарма органика обезбедува помош за откупот и избор на квалитетен саден материјал

Земјоделската задруга „Фарма органика“ активно работи на подобрување на откупот на земјоделските производи на своите членови. Формирана е лани во февруари и исто така обезбедува квалитетен сертифициран саден материјал од ЕУ за овоштарство и јаткасти плодови. Зад „Фарма органика“ стојат десетина основачи и уште петнасетина придружни членови. Нејзиниот претседател Влатко Секулоски смета дека задругарството е одличен начин за унапредување на земјоделските производители, а колектив како „Фарма органика“ помага со многу совети и програми базирани на органските принципи на производство. Ова е сторијата за „Фарма Органика“.

МојаФарма: Која е главната цел поради која ја основавте земјоделската задруга Фарма органика?

Секулоски: Целта поради која е формирана ЗЗОО ФАРМА ОРГАНИКА Прилеп е здружување и организирање на земјоделските производители, со цел решавање на нивните проблеми во делот на откупот на земјоделските производи, посредување при откуп на земјоделските производи (посебно овошје), како и производство и набавка на квалитетен, сертифициран саден материјал, од земјите од Европска Унија.

МојаФарма: Со што се занимава Фарма органика, на кој начин сте активни и каде најчесто ги нудите вашите производи?

Секулоски: Основна дејност на ЗЗОО ФАРМА ОРГАНИКА е производство и трговија со квалитетен сертифициран саден материјал, претежно нови поквалитетни и поиздржливи сорти на овошни садници, во најголем дел патентирани сорти кои ги бара пазарот во ЕУ. Дополнително ЗЗОО ФАРМА ОРГАНИКА посредуува и при договорите за откуп на земјоделските производители. Имаме договори со некои од најголемите откупувачи и преработувачи, посебно на јаткасто овошје.

МојаФарма: Дали нудите и соодветни совети и поддршка за изборот на садници, начин на одгледување, компатибилност со македонската почва и агротехнички услови?

Секулоски: ЗЗОО ФАРМА ОРГАНИКА на своите членови но, и клиенти им нуди комплетни програми за заштита и прихрана на овошните садници, претежно преземени од производителот на исите. Исто така држиме комплетна програма за прихрана и заштита на садниците согласно принципите на органското производство.

Во делот на изборот на садници, секогаш со клиентите и членовите разговараме за сите аспекти, од избор на садници, почва и секогаш препорачуваме анализа на почва пред изборот на садници.

Исто така ЗЗОО ФАРМА ОРГАНИКА им нуди на своите членови и механизација за обработка на почва и берење на земјоделските производи, која е во нејзина сопственост.

ЗЗОО ФАРМА ОРГАНИКА нуди и обуки за своите членови посебно во делот на кроење, заштита и прихрана на овошните насади. Обука често вршат и стручни лица од земјите од ЕУ, кои имаат поголемо искуство во земјоделското производство.

 

МојаФарма: На кој начин треба да се развива задругарството во Македонија според вас, што е потребно за поголема поддршка на земјоделството?

Секулоски: Здружувањето на земјоделците е начин да се подобри целокупната состојба во земјоделското производство. Организирањето во земјоделски задруги, овозможува решавање на проблемите со пласманот на земјоделските производи, заедничка набавка на земјоделска механизација и опрема за преработка на земјоделските производи. Со цел развој на задругарството, потребно е поголема актуелизација и промоција од страна на постоечките земјоделски задруги, но и поддршка од страна на МЗШВ, вклучително и финансиска поддршка на инвестициите и трошоците на земјоделските задруги.

Категории: Успешни приказни