Зголемување на атрактивноста на руралните средини е единствен начин за да се врати младата популација во македонските села

Зголемување на атрактивноста на руралните средини е единствен начин за да се врати младата популација во македонските села

 

 

Руралните средини, во моментот, се под постојан притисок. Од една страна се негативните промени коишто започнале да се случуваат со индустријализацијата, односно миграција на населението, стареење на постојното население и постепено згаснување на сите елементарни функции и професии кои некогаш просперирале во руралните средини (образовни институции, селски болници, аптеки, земјоделски продавници, занаетчиски работилници и друго). Младата популација во потрага по подобро платени професии и модерен животен стил е една од главните причини која што ја влијае на моменталната ситуација во руралните средини. 

Неатрактивноста на руралните подрачја е сосема оправдана бидејќи во голем дел од селата не може да се задоволат потребите на младите луѓе. Во овој контекст можеме да ги споменеме следниве недостатоци коишто ги карактеризираат скоро сите села коишто во изминатите години претрпеле масовно иселеништво и тоа: лоша водоводна мрежа, запоставена електрична инфраструктура, лоша мрежна покриеност за интернет, лоши патишта, немање на продавници за основни намирници, амбуланти и аптеки. Според одредени истражувања направени на европско ниво, само 5,6% од сите земјоделски стопанства се управувани од луѓе кои имаат под 35 години, а над 31% се управувани од луѓе коишто се постари од 65 години.

атрактивност

Типичен изглед на село без соодветна инфраструктура Извор: мојроденкрај.мк

Од друга страна, во последните години започнува процесот на оживување на руралните средини, односно зголемување на нивната атрактивност за да одреден процент од луѓето коишто живеат во урбаните подрачја се вратат и просперираат во руралните средини. Ова може да се реализира со постојан рурален развој кој ќе поттикне креирање на разновидни професии, активности и можности. Руралниот развој треба да води кон поттикнување на одредени групи на луѓе да инвестираат во руралните бизниси, просперираат и да создадат постојани живеалишта и истовремено да создадат еколошка средина богата со биодиверзитет која ќе придонесе кон подобар и поквалитетен животен стил. Како една од иницијативите коишто би придонеле кон зголемување на атрактивноста на руралните средини е европскиот проект ПОЛИРУРАЛ.

Клучната цел на проектот Полирурал е да поттикне развој на руралната политика, да понуди сигурно и транспарентно решение за руралниот развој преку вклучување на сите засегнати страни (земјоделци, експерти, носители на одлуки) во насока на креирање попривлечни и подостапни рурални области за постојното население и потенцијалното ново рурално население.

Полирурал има за цел да обезбеди инклузивно опкружување за размена на знаења и искуства каде руралното население, истражувачите и креаторите на политики се здружуваат за решавање на заедничките проблеми. Преку квалитативни и квантитативни пристапи на истражување проектот ќе обезбеди евалуација на ефективноста на постојните мерки и политики за рурален развој и ќе понуди иновативни предлози за стимулација на руралната политика со изработка на студија за предвидување која ќе ја инкорпорира развојната траекторија на земјоделството и останатите поврзани сектори до 2040 година, користејќи различни сценарија во кои еволуцијата на руралното население зазема централно место. Врз основа на овие активности од Полирирал ќе произлезат препораки кои ќе им овозможат на носителите на одлуки на различни нивоа да бидат подготвени за справување со постојните и идните предизвици во однос на развојот на руралните средини.

АгФутура Технологии, како пилот-лидер, заедно со здружението Платформа за зелен развој, како пилот-партнер, ги реализираат проектните активности во С. Македонија, регион Гевгелија-Струмица, како еден од вкупно 11 пилот региони од Европа вклучени во проектот Полирурал.

 

Категории: Зелен развој