Зошто рактопаминот некаде е забранет, а некаде се користи – Сѐ за контроверзниот адитив за производство на месо

Зошто рактопаминот некаде е забранет, а некаде се користи – Сѐ за контроверзниот адитив за производство на месо

 

Рактопамин е адитив кој се користи во исхраната на домашните животни кои што наменски се одгледувани за производство на месо. Наменет е за зголемување на ефикасноста во конверзија на хранливите материи и намалување на масните делови кај свињите, говедата и мисирките.

Во 2014 година, употребата на рактопамин е забранета во 160 држави ширум светот, вклучувајќи ја Европската Унија, Кина и Русија, додека во 27 држави, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд, употребата на рактопамин како адитив во исхраната на животните е дозволен. Дозволата за употреба се темели на тоа дека произведеното месо е безбедно за исхрана на човекот.

При користење на рактопаминот во исхраната на добитокот, адитивот прво преку крвта се дистрибуира до мускулното ткиво каде што служи како поттикнувач на повеќе реакции кои што овозможуваат зголемена синтеза на протеини и зголемување на големината на мускулните влакна. Како резултат на поголеми мускулни влакна, настанува забрзано зголемување на тежината, подобрена ефикасност во конверзија на храната во мускулно ткиво и намалено ниво на маснотии во месото.

Од друга страна, познато е дека употребата на овој адитив предизвикува негативни ефекти кај свињите и тоа: хиперактивност, тресење и напукнати или целосно скршени екстремитети.

Рактопаминот припаѓа во групата на лекови (дроги) наречена бета-агонисти кои што првенствено биле развиени за третирање на астма. Откако е утврдено дека има позитивни ефекти при зголемување на телесната тежина кај добитокот, рактопаминот е само минимално адаптиран за да одговара на животните и да може да се користи како додаток во исхраната.

Дозволата за употреба на рактопамин во исхраната на свињите во САД е резултат на еден мал експеримент во кој биле вклучени шест млади и здрави луѓе, од кои едниот го прекинал експериментот како резултат на забрзана и неправилна работа на срцето. За да се употреби еден ваков адитив потребна е широка и детална научна студија каде треба да се проверат сите негативни последици.

 

Автор: Марио Петковски

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Сточарство