Извозот на флаширано вино е зголемен за 30 % – Нов закон за поддршка на лозарството
„За околу 30 проценти е зголемен извозот на флаширано вино годинава и тоа покажува дека во тој правец треба да се фокусираме, а паралелно, со низа мерки, да го поддржуваме секторот“, изјави синоќа во Кавадарци министерот за земјоделство Љупчо Николовски, на средба со претставници на лозарите и винарите, пратеници и градоначалници од Тиквешкиот регион.
Николовски информираше дека овие две години лозарството и лозарите беа поддржани со 10 милиони евра преку ковид пакетот, дополнително на субвенциите коишто ги добиваат за лозови насади, а винариите исто така беа поддржани.
Тој додаде дека новиот закон за вино е при крај и на крајот на април ќе биде отворена дебата во јавноста.
-Овој закон фокусот го става на географските индикации, заштитата на различните виногорја, но и регистрацијата на организации што се репрезенти и на производителите на грозје и на производителите на вино. Во нивното основање, клучен збор ќе имаат 51 процент од производителите на вино од тоа виногорје. И заштитата на различните сорти, контролата, одредени надлежности коишто денес ги имаат институциите, ќе бидат пренесени на овие организации. Клучна улога во тие организации, ќе имаат минимум педесет проценти од производителите на вино и грозје. Целта е да произведеме што подобро и поквалитетно македонско грозје, за што подобро вино што ќе биде што повеќе флаширано И извезено“, дециден беше Николовски.
Законот ќе ги отвори и третира прашањата и можноста за производствената цена на грозјето, што ќе го прави одредена институција што ќе биде акредитирана. Таа цена ќе биде репер и ќе влијае на откупната цена. Министерот соопшти дека се отвори и уште едно прашање, коешто законот исто така ќе го третира, роковите за исплата на грозјето.
После тутунопроизводството, ова е втора по големина извозно ориентирана гранка и неа и отпаѓаат 20 проценти од БДП.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека ќе се бара и алтернатива со отварање на дестилерија, за откуп на вишокот грозје, кое нема да им биде потребно на постоечките винарски визби.