Кои се итните климатски акции за да се спречат тешките последици врз македонското земјоделство?
Европската парламентарна служба за истражување во последната студија „Политики за климатска акција на ЕУ – Одговор на глобалната итна состојба“ потенцира повеќе опасности од климатските промени за што е неопходно итно преземање на конкретни чекори за спречување и адаптирање. Земјоделството и секторот за производство на храна може да бидат сериозни погодени, особено од екстремните временски настани, а последици се очекуваат и врз растителниот и животински свет.
Климатските промени ќе влијаат и на системите за одгледување на добиток, вклучително и ефектите врз производството на млеко, како и на репродуктивното здравје и чувствителноста на болести кај млечните говеда. Зголемениот ризик од пожари и зголемените температури ќе резултираат во сериозно сушење на почвата и вегетацијата, се наведува во студијата.
Како одговор во делот на предлог политики на европско, а потоа и на национално ниво на земјите членки, но и за земјите како Македонија кои се кандидати за членство се обврските кои произлегуваат од Европскиот зелен договор. Оваа клучна регулатива предвидува дека ЕУ ќе стане климатска неутрална до 2050 година, што како заложба и цел е прифатена од сите европски институции. ЕУ има амбиција да биде глобален предводник во справување со климатската криза.
Зелени и одржливи решенија се предвидени и за земјоделството каде природните системи се многу ранливи од промената на климата. Потенцијал се гледа во можноста секторот да ги намали емисиите на гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина како метанот од сточните фарми и азотните оксиди од употреба на пестицидите.
Кои се ризиците за Р. С. Македонија?
Територијата на Р. С. Македонија спаѓа во две категории на региони и тоа планински и континентален и за жал и во двете сфери има многу опасни ризици од природни катастрофи и екстремни временски појави, на кои бевме и сведоци во изминатите години, па очекувањата се дека истите ќе бидат зачестени и потешки.
Планински регион
- Раст на температурите повисок од европскиот просек
- Ризици од град
- Ризици од замрзнување
- Зголемен ризик од одрони и лизгање на земјиште
Континентален регион
- Зголемување на топлинските екстреми
- Намалување на летната количина на врнежи
- Зголемен ризик од поплавување на реките
Извор: EU climate action policy – Responding to the global emergency
Р. С. Македонија како дел од југот на Европа со близина на Медитеранот ќе се соочи токму со проблеми каде претходно сметавме дека сме во предност, односно дека сме земја богата со водени ресурси. Екстензивните суши, предизвикани од намалени врнежи како и скратување на активната сезона се предизвици кои мора да бидат ставени високо на агендата на надлежните институции преку стратегии и акциони планови за прилагодување.
Што може да се преземе?
Според студијата политиките треба да се развиваат во насока на преземање на мерки за ублажување меѓу кои намалување на изворите на стакленички гасови, претворање на дел од обработливата почва во пасишта за апсорбирање на јаглеродниот диоксид и пошумување на земјоделските површини. Во делот на мерки за прилагодување се препорачуваат избор на култури кои се поотпорни на климатските промени, поефикасно менаџирање на водените ресурси, одлгедување на стока која е повеќе отпорна на високи температури, подобрување на управувањето со почвите и поголема разновидност на насадите.
Решенија треба да се бараат и во прецизното земјоделство, особено при нанесување на пестициди како и мерки за намалување на азотните оксиди преку инхибитори на нитрификација, подобрување на прихраната на насадите и грижа за здравјето и плодноста на добитокот.
Автор: Христијан Станоевиќ
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.