Конфликтот меѓу Украина и Русија ризикува да ги продлабочи проблемите со храната во светот
Конфликтот меѓу Русија и Украина може да ги влоши проблемите со храната на Блискиот Исток и Северна Африка, предупреди Хјуман рајтс воч (ХРВ).
„И Украина и Русија се водечки извозници на земјоделски производи во многу блискоисточни и северноафрикански земји, а нарушувањата предизвикани од војната веќе ја влошија ситуацијата со порастот на цените на храната и продлабочената сиромаштија“, се вели во соопштението на организацијата за човекови права.
„Глобалните синџири на храна бараат глобална солидарност во време на криза. Без насочени активности за снабдување и достапност на храна, конфликтот во Украина ризикува да ги продлабочи проблемите со храната во светот, особено на Блискиот Исток и Северна Африка“, рече Лама Факих, извршен директор на ХРВ за Блискиот Исток и Северна Африка.
Украинската влада го забрани извозот на клучните земјоделски производи, вклучувајќи пченица, пченка, други житарки, сол и месо, според владината одлука донесена на 9 март.
ХРВ предупредува дека дури и ако наскоро се решат прекините во синџирот на снабдување, проблемите веројатно ќе продолжат „бидејќи земјоделците бегаат од борбите, а конфликтот во Украина ја уништува инфраструктурата и опремата“. Тој додава дека конфликтот би ја загрозил и претстојната реколта.
Русија и Украина се заеднички одговорни за речиси 30 отсто од глобалниот извоз на пченица, според фирмата за земјоделско разузнавање Gro Intelligence.
Пред конфликтот, Украина беше на пат рекордна година кога станува збор за извозот на пченица.