Кризата со вештачки ѓубрива значи и повисоки цени за сечија чинија со храна

Кризата со вештачки ѓубрива значи и повисоки цени за сечија чинија со храна

 

 

Ѓубривото е од огромно значење за посевите на кафе на Волтер до Кармо Падуа Јуниор. Тој не може да замисли да произведува кафе без употреба на дополнителна потхрана во облик на вештачки ѓубрива. Моментално тоа му претставува проблем, затоа што сега е потешко од кога и да било претходно во неговите 20 години земјоделско искуство, бидејќи светот се соочува со рекордни цени на вештачките ѓубрива. Воедно ова претставува закана за безбедноста и достапноста на храна на глобално ниво.

Во бразилската држава Минас Жераис, срцето на кафето на најголемиот светски извозник, Падуа сè уште чека испорака на околу половина од ѓубривото што го платил пред пет месеци. Откако минатата година загуби околу 40% од родот поради суша, неговата фарма потоа беше погодена од мраз. Растенијата се под екстремен стрес и тој е загрижен дека производството во претстојната сезона ќе биде уште полошо од минатата ако не ги добие потребните ѓубрива.

„Ѓубривата претставуваат храна за стеблата на кафе“, вели Падуа. „Сè оди наопаку дури и кога се нанесуваат ѓубрива. Можете ли да замислите што ќе се случи ако не нанесам ѓубриво?

Проблемите не можеа да дојдат во полошо време за синџирите за снабдување со земјоделски производи. Глобалните цени на храната се зголемија за повеќе од 30% во изминатите 12 месеци за да достигнат највисоко ниво во последнава деценија, бидејќи климатските промени ги пустошат посевите, а ударот на пандемијата го нагризува производството. Во меѓувреме, околу една десетина од светот веќе нема доволно храна. Кризата со вештачко ѓубриво значи дека главните основни култури – пченката, оризот и пченицата – се дополнително загрозени, што доведе до зголемување на подиндексот на „Bloomberg Grains Spot“ за околу 4% во изминатиот месец.

Обвинете ја енергетската криза

Ѓубрива на база на азот, најважната хранлива материја за културите, се добиваат преку процес зависен од природен гас или јаглен. Залихите на овие енергенси се оскудни, што ги принудува фабриките за вештачко ѓубриво во Европа да го намалат производството или дури, во некои случаи, да затворат. Во меѓувреме, Кина го ограничи извозот за да обезбеди доволна залиха за домашниот пазар. Сето ова се надоврзува на покачените цени на контејнерскиот превоз, зголемените тарифи и екстремните временски услови, кои ги нарушија глобалните испораки.

Цените на храната ќе се зголемуваат пропорционално со зголемувањето на цените на вештачкото ѓубриво

Зголемувањето на цените на вештачките ѓубрива е од суштинско значење за снабдувањето со храна. Скоро секоја чинија со храна што ќе ја допрете стигнала таму со помош на ѓубрива. Дури и органската храна користи животинско ѓубриво и други хранливи материи. Но, синтетичките ѓубрива се широко заслужни за начинот на кој светот се храни денес.

Откако за прв пат како човештво почнавме да произведуваме вештачки ѓубрива пред повеќе од еден век, планетата се зголеми од приближно 1,7 милијарди луѓе на околу 7,7 милијарди, најмногу благодарение на огромниот раст на приносите во земјоделството. Некои експерти дури проценија дека глобалната популација не би била ниту половина од она што е денес без азотните ѓубрива. Со оглед на тоа што пазарите на ѓубрива сега доживуваат невидени шокови во снабдувањето и рекордни цени, тоа значи уште поголема инфлација на храната низ целиот свет.

Глобалните фјучерси на стоки веќе се во грч. Референтните цени на пченицата се искачија на највисоко ниво од 2012 година, кафето е блиску до највисоките нивоа во последните неколку години, а пченката исто така скокна.

Во Бразил, околу една третина од фармерите на кафе во земјата немаат доволно ѓубрива. Во Соединетите држави, некои одгледувачи на пченка забележуваат цени кои се повеќе од двојно зголемени од она што го платиле минатата година. Во Тајланд, некои производители на ориз ја повикуваат владата да интервенира на на вртоглаво растечките цени. Два од најдобрите светски производители на ѓубрива, Nutrien Ltd. и Mosaic Co., рекоа дека очекуваат порастот на цените да продолжи.

Извршниот директор на Nutrien Ltd. гледа дека фармерите трошат многу на ѓубрива

„Фармерите би можеле да надокнадат за повисоката цена на ѓубривата така што би го намалиле производството на култури и последователно на тоа на потрошувачите би им наметнале повисоки цени на храната“, рече Алексис Максвел, аналитичар во Green Markets, бизнис во сопственост на Блумберг.

Референтниот индекс на цените на вештачките ѓубрива во Северна Америка се зголеми за 0,4% односно 1.017,87 долари за краток тон (US ton) во ноември 2021, што е близу до рекордот постигнат во октомври, според Green Markets на Блумберг. Мерката на западноевропските цени на амонијак, која се користи во производство на азотни ѓубрива, се зголеми за 12% во Ноември достигнувајќи 13-годишно рекордно ниво од 910 долари за метрички тон. Останатите мерки за цените исто така пораснаа.

Латиноамериканско кафе

Латиноамериканско кафе

Околу 30% од фармерите на кафе во Бразил не ги добиле ѓубривата кои ги нарачале, или уште полошо, не можат да набават никакво вештачко ѓубриво на пазарот, според Реџис Рико, директор во RR Consultoria Rural со седиште во Минас Жераис. Ова може да резултира со загуби во следните две години, бидејќи почвата можеби нема да добие доволно хранливи материи за да го поддржи развојот на растенијата кои се очекува да дадат род во жетвата во 2023 година, рече тој.

Во меѓувреме, пратките на уреа во Перу  доцнат, а нејзината цена се зголеми за три пати – од 20 долари за вреќа од 50 килограми на 60 долари, рече Лоренцо Кастиљо, генерален директор на националниот одбор за кафе. Тоа апсолутно ќе им наштети на приносите следната година бидејќи одгледувачите нема да можат да си дозволат онолку колку што обично користат, рече тој.

За многу латиноамерикански производители на кафе, повисоките трошоци доаѓаат во време кога послабите локални валути го поскапуваат увозот на потребните земјоделски инпути.

Пченка од САД

Високите цени на ѓубривата во САД, може да значат помали посеви на пченка. Жолтото зрно користи повеќе азотни ѓубрива, така што некои земјоделци би можеле да ги намалат трошоците така што би се насочиле кон

производство на соја, рече Максвел од Green Markets. Фјучерсите на пченката во Чикаго скокнаа за повеќе од 10% од средината на октомври 2021, поттикнати од загриженоста за намалените насади.

Цените на ѓубривата може да ги зголемат трошоците за производство на пченка за 16%

Ден Чекандер, одгледувач на соја и пченка во централниот дел на Илиноис, се занимава со земјоделство од 1987 година и е четврта генерација во семејството која се занимава со земјоделство – изјави дека никогаш не видел толку високи цени на ѓубривата.

Во средината на октомври 2021, Чекандер почна да го истражува пазарот за амонијак. Цената од 880 долари за тон, беше 75% повисока од минатогодишните 504 долари за тон. Но, тој обично нанесува ѓубриво напролет, па решил да се откаже од купувањето.

Само две недели подоцна, цената се искачи на 1.320 долари, рече тој.

„Поевтините препарати исчезнаа“, рече Чекандер, кој можеби ќе ги смени своите вообичаени планови за садење, па ќе ја подели својата површин под насад 50-50 помеѓу пченка и соја.

„Ќе морам да видам како ќе се движат цените“, рече тој. „Ако цените за вештачки ѓубрива останат високи, можеби ќе треба да направиме некоја промена – или да користиме помалку ѓубрива или да се префрлиме на садење грав“.

 

Европска пченица

Европа е меѓу најтешко погодените региони од енергетската криза, а тоа се преточува во ценовни шокови за вештачките ѓубрива.

Зголемените цени на природниот гас принудија голем број фабрики за азотни ѓубрива да го запрат или ограничат производството, вклучително и норвешката Yara International ASA и врвната европска компанија за хемикалии BASF SE.

Недостигот на ѓубрива може да ги намали приносите и квалитетот на житото во Европската унија, најголемиот светски извозник на пченица и главен снабдувач на јачмен.

„Од ден на ден, ризиците од недостиг во Франција стануваат повидливи“, се вели во заедничката изјава на локалните земјоделски групи, во која се проценува дека зголемените трошоци за ѓубрива би можеле да додадат 4 милијарди евра на трошоците за земјоделскиот сектор.

Тајландски ориз

Зголемените цени на ѓубривата ќе ги зголемат трошоците за многу производители на ориз во Азија и ќе дојде до ризик од зголемени цени во регионот каде што се произведува и троши огромното мнозинство од светската понуда.

Прамоте Чароенсилп, претседател на Здружението на тајландски земјоделци и воедно производител на ориз, рече дека цените на ѓубривата за залихите кои се продаваат во Тајланд се на пат да се удвојат.

„Еден тон ѓубриво сега е поскап од еден тон ориз“, рече тој. „Владата треба да интервенира“.

Во регионот, цените на ѓубривата се тесно поврзани со извозот од Кина. Земјата е клучен снабдувач на уреа, сулфат и фосфат, со околу 30% од глобалната трговија. Пазарот е оскуден откако Кина воведе нови забрани за извозниците во обид да ги заштити домашните залихи.

Канадски житарки

Тајмингот на вртоглава ескалација на цените на вештачко ѓубриво „не можеше да биде полош“ за канадските фармери, кои беспомошно гледаа како нивниот профит забрзано опаѓа во изминатата вегетативна сезона, откако силната суша ги намали посевите, рече Тод Луис, претседател на Здружението на земјоделски производители во Саскачеван. Некои можеби ќе се одлучат да засадат култури за кои е потребно помалку ѓубриво, како леќата.

Зголемените цени на ѓубривата ги зголемуваат и трошоците за земјоделците како Норм Хол, кои оваа година забележаа пад на приносите кај маслодајна репка, пченицата, грашокот и ленот за речиси половина на неговата фарма. Додека тој ја тестира својата почва за да види дали може да примени помалку ѓубриво на некои полиња, некои земјоделци преземаат уште поризичен пристап, рече тој.

„Има момци кои дури и не го прават тоа, тие само велат „Ќе ставам половина од ѓубривото“, рече Хол. „Тоа е исто како да влезете во вашиот камион за да одите во град без да го погледнете мерачот за гориво и да ги прекрстите прстите за да успеете“.

 

Категории: Пазари