Микрорастенија – Одржлив систем за храна во урбани средини

Микрорастенија – Одржлив систем за храна во урбани средини

 

Фактот дека од вкупната светска популација повеќе од 4 милијарди луѓе се населени во урбаните средини, односно 55% од популацијата, говори за ургентноста од создавање на одржливи системи за безбедна храна во урбани средини. Притоа, итноста за ваква иницијатива станува поголема со тоа што овој број се очекува да се зголеми на 7/10 луѓе кои ќе живеат во градовите до 2050 година.  Во тој контекст се наметнува и потребата за урбанизација на земјоделството кое се повеќе се развива, а одгледување на микрорастенија е една актуелна алатка која мошне придонесува за развојот на тој процес.

Во групата на микрорастенија се вбројува широк вариетет на зеленчук и билки како рукола, спанаќ, брокула, цвекло, никулци од сончоглед и многу други. Микрорастенијата се млади хранливи растенија кои се берат во рана фаза на раст, обично во рок од 1-3 недели по ‘ртење. Карактеристични се по свежиот и интензивен вкус, а при тоа се одличен извор на нутриенти. Богати се со јаглехидрати, протеини, витамини како и најразлични минерали како што се калциум, железо, магнезиум, фосфор и калиум. Микрорастенија се берат кога ќе се појават првите вистински лисја и се помали од беби салатите, но поголеми од никулците.

Покрај нивната хранлива вредност, микрорастенијата се одликуваат со вивидни бои, текстури, форми и вкусови, со што се зголемуваат и нивните органолептички својства па стануваат попривлечни за консумирање.

 

Овие култури може да се одгледуваат со користење на најразлични методи, вклучувајќи хидропоника, аеропоника или одгледување базирано на почва. Тие обично се одгледуваат во контролирани средини како што се фарми од затворен тип или оранжерии, каде условите како светлина, температура и влажност се контролираат за да се оптимизира нивниот раст.

Една од клучните предности на микрорастенијата лежи во нивната соодветност за одржливо урбано земјоделство. Нивниот краток производствен циклус ги издвојува од традиционалните лисни салати. Дополнително, нивните едноставни потреби за одгледување ја елиминираат потребата од ѓубрива и пестициди, бидејќи нивниот период на раст е краток и ефикасен, а при тоа лесно се произведува еден органски производ.

Урбаното земјоделство не само што го обезбедува локалниот пазар со свежи производи, туку и на малите земјоделци им нуди можност да се развиваат во ограничени простори. Со намалување на транспортот по берба, урбаното земјоделство значително ги намалува јаглеродните емисии, усогласувајќи се со напорите за зачувување на животната средина.

Вертикалното земјоделство во затворен простор претставува возбудлива граница во одржливото земјоделство. Овој иновативен пристап го максимизира производството на храна во минимални земјишни површини, ефикасно искористувајќи го просторот. Микрорастенијата, со нивната висока хранлива содржина, совршено го надополнуваат овој модел. Со оглед на нивната нежна природа и краткиот рок на траење, микрорастенијата се идеално прилагодени за урбано земјоделство.

 

 

Наведените проблеми се токму фокус на проектот CITIES2030 („Ко-креирање на стабилни и одржливи системи на храна во согласност со FOOD2030“) кој има главна цел да создаде урбани системи за храна и екосистеми адаптирани на претстојните предизвици каде централно место ќе има човекот. Проектот CITES2030 ќе ги обедини истражувачите, претприемачите, лидерите на граѓанското општество и сите чинители на урбаните системи за храна и екосистемите, кои заедно ќе работат во насока на трансформација и преструктуирање на начинот на производство, транспорт, снабдување, рециклирање и повторна употреба на храната во 21 век.

Проектот CITIES2030 со траење од четири години (2020-2024) e финансиран од Европската Унија преку програмата за истражување и иновации Хoризонт 2020. Конзорциумот на проектот CITIES2030 е составен од 41 партнер од 19 европски земји, а дел од партнерите се и македонската компанија АгФутура Технологии, како и македонското здружение Платформа за зелен развој.

 

Автор: Ангела Живачки

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.