На пазарот постојат различни супстрати (медиуми) за одгледување на растенија кои можат да се искористат во хидропониката. Во овој дел од серијалот на текстови за производство во хидропонски системи, ќе бидат разгледани најпопуларните подлоги што ја имаат докажано својата ефикасност како замена за „вистинската“ почва.
Без разлика од каков материјал се произведени, секој медиум треба да биде инертен, да има мала тежина, да не пропушта светлина и да има висока порозност. Главната функција на медиумите е да обезбедат добро вкоренување на културите и да ја минимизираат количината на светлина што може да навлезе во комората за растење. Поради нивната инертност, тие не влијаат врз растворот со хранливи материи при што се овозможува целосно искористување на подготвениот раствор.
Најпопуларните средства во хидропониското земјоделство, било за домашно уредување или за комерцијално производство, се следниве:
Минерална волна
Во процесот на топење на базалтните карпи се создаваат камени влакна кои подоцна се компресираат во добро познатиот производ што може да има форма на коцки, тули или плочи. Минералната волна е идеална за ‘ртење на семето поради големата отпорност на развој на микроби, има добра аерација и капацитет за апсорпција. Познато е дека може да предизвика иритација на кожата и белите дробови и не претставува еколошки продукт. Потребно е редовна проверка на pH вредноста, бидејќи волната има способност да ја менува pH вредноста на растворот.
Експандирани глинени топки
Оригиналното име на топките од глина е LECA (лесен проширен глинест агрегат) и тие се направени во процес сличен на процесот на правење пуканки. Глината се загрева до одреден степен се додека не се прошири во познатата тркалезна форма. Топките имаат многу добар капацитет за дренажа и се pH неутрални. Глинените топки може да се искористат безброј пати, но секогаш треба темелно испирање пред повторна употреба. Препорачливо е глинените топки да се измешаат со друг медиум кој има добар капацитет за задржување на водата (единствениот поголем недостаток на овој медиум).
Перлит
Природен материјал или поконкретно вулканско стакло кое има способност да се прошири до 20 пати повеќе од неговата оригинална големина доколку се загрее до одредена точка. Перлитот е многу порозен и обезбедува одлична аерација и дренажа за културите во хидропонското производство и често се меша во еднаков сооднос со вермикулит. Еден од главните недостатоци на овој медиум е прашината што ја создава при манипулација, предизвикувајќи иритација на респираторниот систем.
Кокосов супстрат
Органски влакна кои се нуспроизвод на индустрија за кокос и имаат одлични својства за задржување на водата и воздухот. Често се продаваат како блокови со помала димензија, но кога се додава вода тие можат да се зголемат и до 8 пати од нивната оригинална големина. Овој медиум може да се користи три до четири пати пред да започне да се распаѓа, и токму поради оваа особина кокосовиот супстрат не се препорачува за користење во системи кои што имаат поголем проток на вода. При употреба препорачливо е да го измешате кокосовиот супстрат со други медиуми кои имаат добри дренажни својства.
Вермикулит
Вермикулитот е експандиран минерал кој се создава на ист начин како и глинените топки и перлитот. Во голема мера ја задржува водата без да ја менува pH вредноста. Често се користи во комбинација со други медиуми, обезбедувајќи одлична средина за успешно производство. Овој медиум не се распаѓа и со правилно чистење може повторно да се користи.
Во продолжение можете да ги погледнете нашите претходни објави од серијалот текстови на тема хидропоника:
- Што е хидропоника и кои се потребните компоненти за создавање на еден систем?
- (Видео) Предностите на хидропонскиот систем на производство
Автор: Марио Петковски
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.