Ѓубривата се несомнено една од најважните иновации во поглед на овозможувањето на пристап до храна на брзо растечката популација. Иако користењето на ѓубрива има негативни последици врз животната средина, предвидувањата на ОН за раст на светската популација до 2050 година, од сегашните 7,7 милијарди на 9,7 милијарди, само го потврдуваат значењето на оваа иновација. Истовремено, сѐ повеќе е изразена потребата да се работи на иновации кои ќе придонесат кон зачувување на животната средина. Во земјоделството, трендот кон поголема интензификација и поголема продуктивност во последните 50-тина години беше придружен со значајно зголемување на употребата на неоргански азотни и фосфорни ѓубрива. Ова резултираше со прекумерни количини на нитрати и фосфати во водите и нивна еутрофикација.
Заедничката земјоделска политика (САР) може да помогне да се намали загадувањето на водите со нитрати преку: мерките за рурален развој, потполна усогласеност (вклучувајќи ја и Директивата за нитрати) и оперативните програми за овошје и зеленчук.
Директивата за нитрати претставува интегрален дел од Рамковната директива за води и е еден од главните инструменти за заштита на водите од влијанијата од земјоделството. Директивата за нитрати на ЕУ постои од 1991 година и ги има следниве главни цели: намалување на загадувањето на водите преку нитратите од земјоделските инпути и спречување на понатамошно загадување. За зоните кои се изложени на висок ризик од нитрати, Директивата поставува максимум годишно ограничување од 170 килограми на нивото на азот од арско ѓубриво на хектар. На неколку земји членки на ЕУ им е дозволено отстапување од горенаведената граница, односно употреба на азот од арско ѓубриво повисоко од 170 кг/ха на годишно ниво со земање предвид на објективни критериуми и целите на Директивата.
Регулатива (EC) No 2003/2003
Условите за продажбата на ѓубрива на интерниот пазар се делумно хармонизирани преку Регулативата (EC) No 2003/2003 на Европскиот Парламент и на Советот, која речиси ексклузивно ги покрива ѓубривата од хемиски произведени, неоргански материјали. Регулативата 2003/2003 се применува од 11 декември 2003 година, со исклучок на членовите 8 и 26(3) кои се однесуваат на следливоста и кои се применуваат од 11 јуни 2005 година. Оваа Регулатива ги покрива минералните ѓубрива и нивите специфични карактеристики. Доколку некое ѓубриво е во согласност со одредбите од Регулативата, тоа може да ја добие ознаката СЕ и да се продава и користи во ЕУ. Оваа ознака им гарантира на фармерите минимум содржина на нутриенти и безбедност за користење на ѓубривото.
За да ја добие ознаката ЕС, ѓубривото мора ефективно да обезбедува нутриенти, да не е штетно за луѓето, животните, планетата или за животната средина и да постои доказ дека ги има поминато соодветните анализи и тестирања. Производителите мора да овозможат следливост на ѓубривото додека тоа е на пазарот и две години после тоа. Исто така, на пакувањето, ознаките и придружните документи мора да се наведени одредени информации, како што се контакт од производителот и главните карактеристики на ѓубривото.
Речиси половина од ѓубривата на пазарот на ЕУ моментално не се покриени со постоечката легислатива. Сѐ поголеми количини на ѓубрива на европскиот пазар се произведуваат од органски отпадоци или се комбинација од органски и неоргански материјали, кои не се опфатени со постоечката регулатива на ЕУ. Други производи релевантни како инпути во земјоделството, како што се подобрувачи на почвата и подлоги за растење, исто така не се опфатени со Регулативата (EC) No. 2003/2003, која што ги регулира само минералните ѓубрива и во актуелната форма не е применлива за ѓубрива добиени од рециклирани материјали. Исто така актуелната Регулатива не нуди јасна рамка за некои актуелни прашања, како што се оние поврзани со животната средина и безбедноста на материјалите кај неорганските ѓубрива. Со зголемената употреба на рециклирани или органски ѓубрива, произлезе потребата за неодамна усвоената нова Регулатива.
Нова хармонизирана Регулатива за ѓубрива
Европската комисија предвидува замена на актуелната Регулатива (EC) No. 2003/2003, проширувајќи го нејзиниот опфат со ѓубрива произведени од секундарни суровини т.е. добиени преку рециклирање и со биолошко потекло. Во таа насока, по двегодишни преговори, на 5 јуни 2019 година, Европскиот парламент и Советот на ЕУ усвоија нова Регулатива за ѓубрива (EU) 1009/2019, која ќе ја замени постоечката Регулатива.
Новата Регулатива стапува во сила на 20-тиот ден од нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ. Оваа регулатива треба да се применува од 16 јули 2022 година и треба да биде задолжителна во целост и директно применлива во сите земји членки. Новата Регулатива дефинира шест категории на производи според функцијата: ѓубрива, варовнички материјали, подобрувачи на почва, подлоги за растење, инхибитори и растителни биостимулатори, како и мешавини од овие производи.
Клучни елементи на новите правила се:
- Отворање на единствениот пазар за ѓубрива со биолошко потекло (bio-based fertilisers): Регулативата ќе го отвори пазарот за нови и иновативни органски ѓубрива со дефинирање на условите под кои тие може да влезат на единствениот пазар на ЕУ;
- Правила за безбедност и квалитет – новата регулатива ќе содржи строги правила за безбедност, квалитет и означување со цел со сите ѓубрива да се тргува слободно во ЕУ. Производителите мора да покажат дека нивните производи ги исполнуваат овие барања пред да го употребат знакот СЕ;
- Поделба на ѓубривата во ЕУ во категории според функцијата, при што секоја категорија треба да биде опфатена со специфични безбедносни и барања поврзани со квалитетот согласно различните предвидени употреби;
- Поделба на составните материјали за ѓубривата во ЕУ во различни категории, од кои секоја треба да биде опфатена со специфични процесни барања и контролни механизми;
- Воведување на нови ограничувања за контаминаторите во ѓубривата.
Ревидираната регулатива не се однесува само на поголем опсег на ѓубрива, туку и на нови ограничувања на содржината на кадмиум во фосфорните ѓубрива што ќе биде поставена и имплементирана на 60 мг/кг.
Постоечките ЕУ правила не се однесуваат на т.н. „национални ѓубрива“ (‘national fertilisers’) позиционирани на пазарот на земјите членки во согласност со националната легислатива. Некои земји имаат многу детални национални правила додека други не. Исто како и претходната Регулатива за ѓубрива, така и новата Регулатива не поставува ограничување за продажбата на „нехармонизирани ѓубрива“ кои се во согласност со националните правила на интерниот пазар. Од компаниите ќе зависи изборот дали ќе го продаваат производот со ознаката СЕ или како национален производ.
Веќе во 2022 година примарниот производствен сектор ќе мора да излезе во пресрет на промените во регулативата за ѓубрива на ЕУ.
Автор: д-р Викторија Илиева
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.