Со подобрување на новиот Закон за води до целосна заштита на овој природен ресурс

Со подобрување на новиот Закон за води до целосна заштита на овој природен ресурс

 

 

Нацрт-законот за води отвора поголеми можности за заштита на водните ресурси откако Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) вклучи граѓански организации и експерти од Алијансата „Разбистри сè“ во најраната фаза на изработката на законот. Сепак, од „Разбистри сè“ сметаат дека предложените законски промени не се доволни и сè уште има недостатоци за целосно да се регулира користењето и зачувувањето на водите.

Гледано од призма на земјоделството, нацрт-законот за водите го засилува инспекцискиот надзор со тоа што освен на водостопанските инспектори, им прецизира обврски и на државните инспектори за заштита на природата, локалните инспектори за животна средина, санитарно-здравствените инспектори и државните инспектори за земјоделство. Во таа насока, треба да се изработат катастри за хидроцентрали, бунари и извори, а освен УХМР, треба да се овозможи мониторинг и од други сертифицирани институции и лаборатории за мерења на користењето на вода од страна на малите хидроцентрали. Со тоа би се постигнала подинамична и навремена контрола на загадувачите и уништувачите на водите.