Одржлива трансформација на урбаните системи за храна: Експертскиот панел на ФАО зема учество на Глобалниот Форум за храна и земјоделство 2023
Имајќи го предвид фактот дека 70% од глобалната храна се консумира во урбаните средини, фундаменталната улога на градовите во трансформација на урбаните системи за храна станува очигледна. Со зголемената урбанизација расте и урбаната потрошувачка на храна, како и сите активности поврзани со исхрана на урбаната популација (преработка, транспорт, дистрибуција на храна).
Статистички гледано, урбаните области се веќе дом на 55% од светското население, додека 90% живеат на оддалеченост од 1 час од градовите со 20.000 или повеќе жители, што ги прави урбаните системи за храна уште повлијателни за околните периурбани и рурални средини.
Градовите и локалните власти играат значајна улога во постигнување поздрави режими на исхрана на одржлив начин, преку иницијативи како што се намалување на отпадот од храна, применување на кружна економија и промена на урбаните системи за храна кон поодржливи модели. Сепак, потенцијалната улога на градовите и локалните самоуправи се уште не е препознаена во пракса при креирање на политиките.
Со препознавање на круцијалноста за трансформирање на урбаните и локалните системи за храна, во 2019 година ФАО (Food and Agriculture Organization of the United Nations) започна Агенда за урбана храна, со цел да ги поддржи локалните и националните власти во спроведувањето на одржливи и инклузивни политики за ваква трансформација. Важната улога на градовите се препознава на глобално ниво, па за таа цел е создаден и Самитот на ОН (Обединетите Нации) за системи за храна во 2021 година. Како резултат на активностите на самитот е создадена и Коалиција за урбани системи за храна, со крајна цел да се поддржи трансформацијата на урбаните системи за храна и да се осигура дека таа соодветно се рефлектира во националните политики.
За да се постигне поконкретен напредок во оваа област се организираат различни настани кои се фокусираат на препознавање на проблематиките, таргетирање на засегнатите учесници, како и зајакнување на иницијативите за пронаоѓање конкретни решенија. Настан од таков карактер е токму Глобалниот форум за храна и земјоделство, чиј домаќин беше германското Министерство за земјоделство во Берлин, кој траеше во период од 18ти до 21ви јануари. ФАО беше дел од настанот како ко-домаќин на експертскиот панел на тема: „Искористување на урбаните и локални системи за храна за одржлива трансформација на прехранбените системи“. При оваа дискусија биле идентификувани иновативни начини за зајакнување на улогата и функцијата на урбаните, локалните и територијалните системи за храна до одржлива трансформација на прехранбените системи, со разгледување на неодамнешните трендови и новите извори на податоци и информации.
Наведените проблеми се токму фокус на проектот CITIES2030 („Ко-креирање на стабилни и одржливи системи на храна во согласност со FOOD2030“) кој има главна цел да создаде урбани системи за храна и екосистеми адаптирани на претстојните предизвици каде централно место ќе има човекот. Проектот CITES2030 ќе ги обедини истражувачите, претприемачите, лидерите на граѓанското општество и сите чинители на урбаните системи за храна и екосистемите, кои заедно ќе работат во насока на трансформација и преструктуирање на начинот на производство, транспорт, снабдување, рециклирање и повторна употреба на храната во 21 век.
Проектот CITIES2030 со траење од четири години (2020-2024) e финансиран од Европската Унија преку програмата за истражување и иновации Хoризонт 2020. Конзорциумот на проектот CITIES2030 е составен од 41 партнер од 19 европски земји, а дел од партнерите се и македонската компанија АгФутура Технологии, како и македонското здружение Платформа за зелен развој.
Автор: Ангела Живачки
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.