Постојат ли поеколошки алтернативи за најлонските ќеси за еднократна употреба?
669 Прегледи
Категории:
Зелен развој
Најлонските ќеси за еднократна употреба се цел на забрани и закони кои ја ограничуваат нивната употреба насекаде во светот. Нивното негативно влијание врз животната средина станува се повеќе и повеќе забележливо, па неопходни се итни мерки.
Количината на отпадни најлонски ќеси во животната средина стана огромен проблем и се проценува дека само околу 1 % од ќесите завршуваат за рециклирање откако ќе се употребат.
На пластиката и се потребни години за да се распадне, па дури и кога ќе се распадне, не се распаѓа во целост. Пластиката се распаѓа на т.н. микропластика, односно на ситни парчиња пластика. Микропластиката ја загадува животната средина и изворите на храна на луѓето и животните.
Преминувањето од најлонските ќеси за еднократна употреба кон алтернативни решенија за истите, може да биде здодевен процес. Просечниот потрошувач е навикнат на пристапни цени на најлонските ќеси и достапност на истите. Покачените цени на најлонските ќеси во малопродажбата се само делумно решение за овој проблем. Постојат неколку ефикасни алтернативни опции за замена на најлонските ќеси за еднократна употреба кои ќе ги разгледаме подолу во текстот.
Изборот на најдобрата опција за замена за најлонските ќеси зависи од целите за одржливост кои ги има поставено претприемачот, буџетот со кој располага и од тоа како клиентите ќе реагираат на промените.
Одговорноста, секако, е обострана. Ако сакаме да ја зачуваме животната средина чиста за идните поколенија, тогаш мора да се покаже свесност од обете страни – и од сопствениците на бизниси, но и од страна на купувачите.
Во оваа статија и во видеото подолу, ќе погледнеме листа на најдобри алтернативи на најлонските ќеси за еднократна употреба.
Постојат неколку опции за замена на пластичните ќеси за еднократна употреба и секоја опција има различен отпечаток на одржливост. Има опции кои се еколошки одржливи, но, има и опции чиј степен на одржливост е низок.
При изборот на ќеса, најдобро е да изберете ќеса направена од материјал кој остава помал отпечаток на земјата. Доколку барате најевтина алтернатива, можеби нема да ја добиете најеколошката опција.
Во продолжение на текстот ќе разгледаме кои се најдобрите алтернативи. Оттука, сами одлучете која најмногу одговара на вашите потреби и на вашиот буџет.
Доколку сеуште не можете да одлучите дали вашиот бизнис треба да користи хартиени кеси, разгледајте ги следниве важни фактори, можеби ќе ви помогнат да донесете правилна одлука.
Хартиените ќеси се 100% биоразградливи, за повеќекратна употреба и постои можност за нивно рециклирање. Многу хартиени кеси можат да поднесат поголем притисок или тежина од најлонските ќеси. Една од предностите на хартиените ќеси (која можеби звучи по малку чудно) е фактот дека постои помал ризик од задушување предизвикано од невнимание кај мали деца и кај животни отколку кај најлонските ќеси.
За разлика од најлонските ќеси, хартиените ќеси не се водоотпорни. Ако се натопат, губат на издржливост и можат да се скинат. Хартиените ќеси се поскапи од најлонските. Зафаќаат повеќе простор за складирање од пластичните и се многу потешки. За да се произведе една хартиена ќеса направени од рециклирани влакна, потребна е поголема количина на фосилни горива отколку за една најлонска ќеса.
Најлонските ќеси за повеќекратна употреба може да се направат од отпадна постпотрошувачка рециклирана содржина, како и од постиндустриска отпадна содржина. Поедноставно кажано, најлонските ќеси најчесто се произведуваат од веќе искористени и рециклирани пластични амбалажи или пак од вишокот отпад кој се ствара при самиот процес на производство на одредени пластични производи. Постпотрошувачкиот отпад се однесува на веќе искористени производи, додека постиндустрискиот отпад се однесува на отпадниот материјал создаден од производниот процес.
Овие ќеси се за нијанса подебели од обичните најлонски ќеси, а оттука и поиздржливи. Може да се употребуваат многукратно повеќе пати. Некои производители тврдат дека овие ќеси можат да се употребуваат дури и до 125 пати. Студија од 2014 година на Универзитетот Клемсон покажа дека полиетиленските (LDPE) и полипропиленските ќеси за повеќекратна употреба имаат помало штетно влијание врз животната средина доколку се реупотребат доволен број пати, споредено со обичните најлонските ќеси што се наоѓаат во супермаркетите.
Иако се повеќекратно употребливи, луѓето обично не ја користат торбата доволен број пати за да го искористат нејзиниот максимален потенцијал. Обично, овие ќеси се фрлаат пред да им измине предвидениот век на употреба, а со тоа ефектите врз животната средина може да бидат контрапродуктивни. Испитувањата покажуваат дека 40% од испитаниците буквално многу лесно забораваат да ги понесат со себе пред да тргнат во набавки.
Памучните торби може да се направат од обичен, органски или пак рециклиран памук. Обичниот традиционален памук се добива од обновлив извор на култури, но обично се третира со хемикалии и пестициди при производството. Органскиот памук се одгледува без пестициди, со што се намалува негативниот еколошки отпечаток од производството на памук. Рециклираниот памук е реупотртебен органски или традиционален памук.
Памучните торби се дизајнирани да се користат стотици пати. Попвеќето памучни торби се лесни за одржување. Може да се перат во машина со ладна вода.
За производство на памучните торби се троши повеќе енергија одошто за најлонските ќеси за еднократна употреба, а со тоа директно се влијание врз животната средина. Тие треба редовно да се перат за да се спречи вкрстена контаминација.
Торбите од неткаен полипропилен се направени од полипропиленска пластика. Тие можат да се направат и од рециклирана пластика.
Овие торби се исклучително силни и издржливи, може да се користат повеќе пати без да се оштетат.
При употреба на овие торби, обично се прави мал но значаен превид – овие торби треба почесто да се перат. Доколку не се одржува хигиената редовно, можно е да се намножат бактерии кои претставуваат ризик по здравјето за потрошувачите. Само 15 % од луѓето ги следат препорачаните процедури за чистење и одржување на овие торби.
Разградливите ќеси се направени од обновливи суровини. Нивната структура е таква што со сигурност се распаѓаат или во машина за компостирање или во домашни компостери.
Тие се распаѓаат, оставајќи помал отпечаток на околината. На овие ќеси можете да отпечатите и свое лого користејќи мастила базирани на соја, без притоа да се загрози разградливоста на ќесата и без да се зголеми негативниот отпечаток врз околината.
Разградливите ќеси имаат ограничен рок на траење. Тие треба да се чуваат на ладни, темни и суви места доколку сакаме максимално да ги искористиме. Ако не се складираат правилно, ќе почнат да губат дел од своите својства и нема соодветно да ја вршат својата примарна улога. Понекогаш може да дојде до забуна кај потрошувачите, бидејќи изгледаат слично на најлонските ќеси за еднократна употреба.
Овој тип на торби се произведува од рециклиран полипропилен. Пластиката се растегнува во нишки кои се плетеат за да се создаде ткаенина. Оваа ткаенина потоа се шие, како би се добиле торби за повеќекратна употреба.
Тие се силни и издржливи и се наменети за повторна употреба додека не се оштетат.
Тие обично не се перат редовно, што може да предизвика контаминација.
Јутени торби се направени од растителни влакна кои се плетат во издржливи и силни прамени.
Тие се еколошка опција која е направена од природно обновлив ресурс и се распаѓаат на органски материи. Mожат повторно да се користат додека материјалот не почне да се распаѓа.
Ќесите од јута тешко се чистат. Понекогаш тие се третираат со хемикалии за да се направат отпорни на влага, што ја оневозможува нивната способност да се компостираат.