Праз – зимски извор на витамини

Праз – зимски извор на витамини

 

Празот е надалеку познат зеленчук, кој е употребуван во скоро сите светски познати кујни. Кај нас, тој претежно се користи во зимскиот период. Неговите неверојатни својства го прават една од најпосакуваните состојки за готвачите. Сите оние кои се обидуваат да се придржуваат до здрава исхрана и да намалат својата тежина, пожелно е да го вметнат празот во своето мени. Без разлика дали станува збор за пржен, печен, во манџи, во чорби или во традиционалните пити – вкусот на празот едноставно е неодолив. Свежиот праз е најдобриот избор што можете да го направите, бидејќи при термичката обработка делумно се менуваат корисните состојки во него.

праз

Оваа суперхрана содржи високо ниво на флавоноиди, витамини А, Е и К, како и растителни влакна. Празот е богат и со соединенија како што се калиум, калциум, магнезиум, бакар и железо, а 100 g праз  има само 61 калорија.

Белиот дел, односно главицата на празот изобилува со природни шеќери, фруктоза и сахароза, па затоа има малку сладок вкус. Зелениот стеблест дел и перјата на празот содржат витамини и активни супстанции што се значајни за зајакнување на имунитетот, па од таа причина е препорачливо да се јаде повеќе праз во текот на есента и зимата, за да се заштити организмот од вируси.

Празот, како и другите зелени зеленчуци, е извор на витамин Б6, одговорен за здравјето на нашиот нервен систем. Овој зеленчук е неопходен за намалување на заморот и за смирување на ефектите од секојдневниот стрес.

Со високи нивоа на витамин К и калциум, празот ја поттикнува активноста на протеинот остеокалцин. Некои истражувања покажуваат дека ова е одлично за раст и зајакнување на коските. Важно е да се јаде свеж праз наместо варен или одмрзнат. Тие два процеси, всушност, можат да го ограничат витаминот К достапен за консумирање.

праз

Празот е солиден извор на растителни влакна, вклучително и пребиотици (елементи кои ја поттикнуваат работата на добрите бактерии во цревата). Моќните соединенија што содржат сулфур му го даваат на празот неговиот специфичен мирис, додека полифенолите нудат антибактериски, антиоксидантни и антивирусни својства.

Алицинот го намалува крвниот притисок, го намалува нивото на холестеролот во крвта и го јакне имунолошкиот систем. Затоа празот е природен лек за превенција против срцеви заболувања. Алицинот, исто така, дејствува и како природен антибиотик.

Празот е богат и со етерични масла, кои го зголемуваат лачењето на дигестивните сокови и со тоа го подобруваат варењето на храната.

Празот е силен природен диуретик. Тој го зголемува излачувањето на течностите и токсичните материи преку бубрезите. Затоа често празот им се препорачува на лицата со кардиоваскуларни и бубрежни заболувања, посебно за намалување на отоците.

Го зголемува имунитетот, помага против настинката и инфекциите. Празот содржи моќни антиоксиданси, кои го штитат организмот од штетното делување на слободните радикали, кои можат да предизвикаат многу хронични заболувања, вклучувајќи го и канцерот. Со право празот се смета за природен антиканцероген, кој помага во превенцијата и лекувањето на канцерот.

Празот ги „топи“ килограмите, затоа е идеален за одржување на нормалната телесна тежина и е добра храна кога сте на диета.

праз

Празот ја негува и кожата. Супата од праз има позитивно влијание во осветлување на тенот. Благодарение на диуретичкиот ефект, празот го чисти организмот од отврови. Содржи и витамин Е и каротин, кои се важни за здрава, еластична и нежна кожа.

Може да направите и домашна природна маска за лице која ќе ви помогне да ги намалите и лузните од акни. Само исцедете ги листовите и нанесете ги на погодената област. Вашата кожа ќе ги апсорбира магнезиумот, железото и антиоксидансите во сокот. Вашата кожа ќе ви биде благодарна!

 

Категории: Здрава храна