Продолжен рокот на кризната енергетска состојба за уште шест месеци – Владата ги уверува граѓаните дека соодветно ќе реагира на секој предизвик

Продолжен рокот на кризната енергетска состојба за уште шест месеци – Владата ги уверува граѓаните дека соодветно ќе реагира на секој предизвик

 

Хоџа и Арсовски посочија дека на 123. седница, Владата го утврди текстот на Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Р. С. Македонија, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија.

Со Предлог-одлуката му се предлага на Собранието на Р. С. Македонија да одобри продолжување на рокот за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во наредните шест месеци, односно до 9 јуни 2022 година, со цел обезбедување континуитет во спроведувањето на мерките и активностите за надминување на состојбата во снабдувањето со електрична енергија.

Портпаролите на Владата, на прашање на новинарите, за евентуално планирано покачување на струјата истакнаа дека цената на енергенсите се во постојан пораст на светските берзи и постои недостаток на електрична енергија и дека сите аспекти ќе се имаат предвид кога на некоја од наредните седници ќе се разговара за оваа состојба.

„Фокусот на АД „ЕСМ“ е на зголемувањето на домашното производство на електрична енергија и ги презема сите чекори за продолжување на континуираното производство на електрична енергија во текот на грејната сезона. Во РЕК Битола е засилен ископот на јаглен  за потребите на стабилно обезбедување електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи. Обезбедени се дополнителни 90.000 тони јаглен од Албанија за почеток на производство на струја за стопанството по подостапни цени од моменталните на берзите. За истата намена, последниот јавен повик кој се објави деновиве за набавка на 810.000 тони јаглен ќе биде отворен во текот на целата 2022 година. По едномесечниот ремонт почна со работа и РЕК Осломеј и за таму се обезбедува дополнителен јаглен“, информираа портпаролите.

Владините портпароли информираа дека дел од стратегијата за надминување на енергетската криза е и активирањето на ТЕЦ „Неготино“ за што е распишан е јавен оглас за набавка на мазут.

Одговарајќи на новинарско прашање дали државата ќе го запре поскапувањето, a по примерот на српската влада која ги замрзна цените на основните прехранбени производи на 60 дена, рече Арсовски дека не треба да се создава паника со најави за високи поскапувања.

-Постојат механизми, Владата ги уверува граѓаните, како и стопанствениците, дека и натаму ќе продолжи да биде партнер со сите засегнати страни за соодветно да се реагира на секој предизвик. Државата ги следи состојбите во сите сектори во економијата, вклучително и во преработувачката и прехранбената индустрија. Владата е во постојан, отворен дијалог со сите засегнати страни на стопанството. Една таква комуникација се одвива преку Платформата за социјално-економски дијалог која ги опфаќа социјалните партнери и четирите најголеми комори, преку која се одржуваат редовни состаноци и тој не е прекинат, рече Арсовски.

 

Извор: МИА

 

Категории: Вести