Продолжува битката за „Нула Глад“

Продолжува битката за „Нула Глад“

 

Од 2014 година наваму, бележиме зголемување на стапката на глад на глобално ниво. Ризикот од прегладнетост во некои земји е реален, а стапките на неухранетост сè уште се многу високи. Со оглед на тоа што беше светски лидер во посветеност кон исхраната преку својот последен седумгодишен буџет, ЕУ треба повторно да преземе одговорност, тврди група застапници.

 

* оваа објава претставува лично согледување на нештата од страна на група автори

 

Дури и пред почетокот на КОВИД-19 пандемијата, сè уште бевме далеку од постигнување на Целта за одржлив развој 2 на Обединетите нации (SDG2) позната уште како Нула глад до 2030 година. Влијанијата на пандемијата го уназадија процесот на развојни придобивки стекнати низ годините. Во 2020 година, дванаесет проценти од светската популација беа соочени со сериозен недостаток од храна.

Три милијарди луѓе немаа пристап до здрава исхрана. Четириесет и еден милион луѓе се на работ на глад. Овие последни проценки се алармантни и покажуваат дека е потребна итна акција на ЕУ. Ние, како граѓанско општество, сме загрижени дека искоренувањето на гладот и неухранетоста не се приоритет на политичката агенда на ЕУ.

Финансиската насоченост на ЕУ кон решавање на постојните предизвици поврзани со исхраната заврши минатиот декември. Конфликтите, климатските промени, економските падови, родовата нееднаквост, уништувањето на биодиверзитетот, неправедните системи на храна и недостигот на пристап до основните социјални услуги придонесуваат за влошување на ситуацијата.

Сега, КОВИД-19 ги загрозува животите и егзистенцијата на луѓето од ранливите категории, што резултира со зголемена неухранетост и сериозни недостатоци на храна.

За време на Самитот за системи за храна на Обединетите Нации, ЕУ не презеде никакви нови финансиски обврски за периодот 2021-2027 година. Исклучувањето на ЕУ ќе има катастрофални ефекти во борбата против сите форми на неухранетост.

Неухранетоста претставува катастрофална пречка за когнитивниот и физичкиот развој на децата, спречувајќи ги да го достигнат својот целосен потенцијал. Тоа води и до огромни економски загуби.

Затоа, исхраната освен што е човеково право, таа е и економско и политичко прашање. Ако ЕУ е сериозна во исполнувањето на Целите за одржлив развој и остварувањето на зацртаните приоритети во здравството, образованието, човечкиот развој, борбата против климатските промени и економскиот раст – треба да инвестира повеќе во исхраната.

На последното Генерално собрание на Обединетите нации, американскиот претседател Џо Бајден  се обврза дека САД ќе помогнат со 10 милијарди долари за ставање крај на гладот, што оддаде впечаток на амбициозен потег. Меѓународната заедница очекува слично водство од ЕУ, надминувајќи го претходното ветување од 3,5 милијарди евра за периодот 2014-2020 година.

Стратегијата „Од фарма до вилушка“ за 2020 година нема да биде доволна за да се достигне SDG2. ЕУ мора да даде приоритет на зајакнувањето на системите за здравствена и социјална заштита, пристап до вода и санитарни услови за сите, праведна и непристрасна трансформација на системите за храна и да ангажира нови финансиски ресурси за да создаде свет без глад и неухранетост до 2030 година.

Постои шанса за ЕУ да го поправи впечатокот за време на претстојниот „Nutrition for Growth Summit“ во 2021 година, организиран од Владата на Јапонија. Овој клучен глобален настан ќе се одржи за еден месец, за време на кој владите, донаторите, граѓанското општество, филантропите и приватниот сектор ќе се соберат за да ја поттикнат поддршката за борбата против неухранетоста.

Со оглед на тоа што влеговме во последната деценија од Агендата за 2030 година, овој Самит ќе биде клучен за забрзување на напредокот. ЕУ мора да даде пример, да биде претставена на највисоко ниво и да даде нов финансиски залог за постигнување нулта глад.

 

* за авторите на ова јавно изнесено мислење можете да дознаете повеќе на следниот ЛИНК.

 

Категории: Вести