САД преземаат лидерска улога на Самитот за системи за храна на ОН

САД преземаат лидерска улога на Самитот за системи за храна на ОН

 

 

Секретарот за земјоделство Том Вилсак и други претставници на Министерството за земјоделство на САД, кои присуствуваа на Самитот на Обединетите нации за системи за храна во Њујорк на 23 септември, нагласија неколку чекори што САД ги преземаат за да ги унапредат целите за ставање крај на гладот ​​и неухранетоста. Воедно, истовремено беше напомената и потребата од градење одржливи, издржливи и инклузивни системи за храна, кои би донеле дополнителни 5 милијарди американски долари во инвестиции за остварување на тие цели.

Самитот на ОН за системи за храна се одржа во седиштето на ОН во Њујорк за време на годишното отворање на Генералното собрание. Одржувањето на самитот се поклопи со сѐ поголемата загреженост кај светските лидери за зголемениот број на гладни и неухранети во светот за време на КОВИД-19 пандемијата. Гладот ​​и недоволната исхрана во светот отсекогаш биле главна грижа на Обединетите нации и нејзините земји-членки. Во изминатите неколку месеци, напредокот кој беше постигнат во намалувањето на бројот на луѓе кои се соочуваат со глад – за жал, дојде до целосен пресврт. Иако постојат неколку причини за тој пресврт, вклучувајќи вооружени конфликти, природни катастрофи и ефектите од климатските промени – сепак се испостави дека пандемијата е особено голема закана.

Делумно поради пандемијата, неухранетоста се зголеми на околу 9,9% од светското население во 2020 година во споредба со 8,4% во 2019 година. Според проценките на Обединетите нации, бројот на гладни луѓе во 2020 година достигна до 811 милиони на глобално ниво.

„Додека пандемијата физички нѐ раздели, подготовките за овој Самит нѐ обединија“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. „Преку национални дијалози, владите ги собраа деловните субјекти, заедниците и граѓанското општество за да ги одредат патиштата за иднината на системите за храна во 148 земји. Над 100.000 луѓе се собраа да разговараат и дебатираат за можни решенија – од кои повеќето сега се разгледуваат на овој Самит “.

Повеќе од 90 шефови на држави и влади ги доставија на Самитот своите национални стратегии и обврски за елиминирање на гладот ​​во светот до 2030 година.

„Да учиме едни од други – и да се инспирираме еден од друг – работејќи  заедно за постигнување на целите за одржлив развој“, рече Гутереш.

Претставниците на Министерството за земјоделство на САД на Самитот рекоа дека напорите на Америка во полето на исхраната се водени од научно базирани одлуки, донесени на база на прибирање на податоци и иновативни технологии.  Меѓу другото, истакнаа дека трговијата и добро функционирачките пазари на локално, регионално и меѓународно ниво ја зајакнуваат безбедноста на храната и одржливи системи за храна.

„Мораме да бидеме инвентивни за да ги подобриме системите за храна, така што тие ќе обезбедуваат безбедна, хранлива, евтина и достапна храна за сите, истовремено зачувувајќи ги природните ресурси и борејќи се против климатската криза“, рече Вилсак.

Министерството за земјоделство на САД го потенцираше учеството и лидерството на САД во голем број мултинационални коалиции насочени кон борба против гладот ​​и неухранетоста во светот.

Соединетите држави доделија највисок приоритет на проширување на Мисијата за климатски иновации во земјоделството, или AIM4C, чија цел е значително да ги зголеми јавните и приватните инвестиции кога станува збор за климатски-паметното земјоделство и иновативни приоди кон прехранбените системи. Министерството за земјоделство на САД објави дека бројот на земји што ја поддржуваат оваа глобална иницијатива е тројно зголемен откако САД и Обединетите Арапски Емирати го објавија тоа на „Самитот на лидерите за климата“ во покровителство на претседателот Џо Бајден во април.

Министерството за земјоделство на САД, исто така, објави формирање на Коалиција за акција за одржлив раст на продуктивноста за безбедност на храната и зачувување на ресурсите. Оваа глобална, мулти-секторска коалиција има за цел да ја забрза транзицијата кон поодржливи системи за храна преку раст на продуктивноста во земјоделството што ги оптимизира социјалните, економските и еколошките димензии на одржливост.

За да се осигура дека секое дете ширум светот ќе има пристап до хранливи училишни оброци до 2030 година, Министерството за земјоделство на САД ја зацрта лидерската позиција на Америка во коалицијата за школски оброци, чија цел е исхрана, здравје и образование за секое дете, која поддржува сеопфатни програми за исхрана во училиштата, залагајќи се за меѓусекторска координација, стабилни извори на финансирање и истражување за подобрување на квалитетот и ефикасноста на програмата.

Соединетите држави, предводени од Министерството за земјоделство, исто така, ја поддржуваат глобалната коалиција „Храната не е отпад“ и ја потврдија својата посветеност да ги намалат загубите и отпадот од храна во земјата.

Министерството за земјоделство, исто така, истакна дека во периодот до одржувањето на самитот на ОН за системи за храна, беше домаќин и на уште  три национални дијалози за системи за храна, во чиј фокус беа одржливите системи за храна. Учествуваа повеќе од 200 засегнати страни од САД, вклучувајќи фармери, претставници на прехранбената индустрија, групи за животна средина, застапници за исхрана и безбедност на храна, синдикати и застапници за работниците во фармите и системите за храна и истражувачи.

Учесниците дискутираа за предизвиците и можностите за градење поодржливи, поиздржливи и инклузивни системи за храна во Соединетите држави.

На Самитот беше истакната заложбата за унапредување на приоритетите за безбедност на храната и здрава исхрана за сите, ублажување и адаптација на климатските промени и инклузивни и правични системи за храна.

Министерството за земјоделство рече дека Соединетите држави планираат да инвестираат 5 милијарди американски долари од американскиот план за спасување и од фондови за помош за пандемија, од кои 4 милијарди долари се за зајакнување на прехранбените системи преку поддршка за производство на храна и подобра обработка, дистрибуција и пазарни можности. Дополнителната 1 милијарда американски долари ќе помогне да се премости јазот од помошта за пандемија до трансформацијата на системите за храна преку поддршка на поефикасни системи и инфраструктура за да се обезбеди пристап до здрава исхрана за сите.

Министерството за земјоделство на САД, исто така, ги посочи своите иницијативи за проширување на пристапот до домашна итна помош во храна, вклучително и проширување на дополнителните придобивки од Програмата за дополнителна нутриционистичка помош (SNAP) за оние домаќинства кои немаат сигурен извор на храна и зголемување на достапноста на свежа храна преку банките за храна и непрофитните организации. Министерството рече дека, исто така, ги модернизира придобивките од SNAP за подобро да им овозможи на примачите да си дозволат здрава храна и инвестира во технолошки подобрувања за да го прошири пристапот до SNAP и да ги олесни набавките намирници преку Интернет.

Извор: Foodbusnissnews

 

Категории: Зелен развој