Производство на расад од зеленчук

Производство на расад од зеленчук

 

За успешно градинарско производство од исклучителна важност е примената на квалитетен расаден материјал. Употребата на добро развиен и здрав расад е еден од основните предуслови за остварување на максимални приноси. Важно е да се потенцира дека грешките што настануваат во овој период, во подоцнежните фази на одгледување на културите, тешко или воопшто не можат да се поправат.За квалитетен расад се смета оној што има добро развиен коренов систем, бели коренови жили, здрави и добро развиени листови. Исто така не треба да манифестира недостаток од хранливи елементи, а растенијата треба да бидат здрави, без проблеми со болести и штетници.

Контејнерското производство на расад подразбира употреба на контејнери со кои на секое растение му се обезбедува оптимален вегетационен простор за нормален раст и развој. Примената на контејнерите наспроти традиционалниот начин на производство во леи има голем број предности како што се:

– Воедначено `ртење и заштеда при употреба на скапи хибриди

– Производство на квалитетен и здрав расад, без ризик од почвени патогени поради примена на супстрати

– Производство на униформен и квалитетен расаден материјал

– Добар развој на кореновиот систем, намален стрес при пресадување и брзо вкоренување на постојано место.

Податоците покажуваат дека контејнерското производство на расад овозможува порана берба и се остваруваат повисоки приности за приближно 30%, споредено со традиционалните начини на производство.

Рокот за сеидба, односно почетокот на производството зависи од должината на вегетација на избраниот вид/сорта. Доколку условите на производството се одржуваат во оптимални граници, растенијата треба да ги исполнуваат следните стандарди за квалитет:

Стандарди за квалитет на растение

За производство на расад се препорачува користење на тресетен супстрат кој може да се меша со градинарска земја, но може да се користат и други смеси кои вклучуваат компост, струготини, прегорено арско ѓубре итн. Меѓутоа, поради високите инвестициски трошоци во расадопроизводството, препорачливо е да се користи стерилен тресетен супстрат, заради декларираниот квалитет, со што ризиците за успешно и воедначено никнење ќе се сведат на минимум.

Контролата на микроклиматските услови (влажност и температура) е од особено значење во фазата на производство на расад, посебно за рано и средно-рано производство кои се одвиваат во постудените месеци кога и должината на денот (осветлувањето) е помала.

Температурата до никнување треба да се одржува релативно висока, а веднаш по никнувањето таа се намалува за 8-12˚C во однос на оптималната и се одржува до појава на вистинските листови. Кога ќе се формираат првите вистински листови, температурата се одржува во оптималните вредности за видот што се одгледува и тоа до периодот на калење, кога повторно се спушта.

Оптимални температури за никнење и развој на расадот

Одржувањето на оптималните температури има големо влијание врз никнувањето на семето. На пример кај пиперката периодот на никнување во оптимални услови изнесува 6-7 денови, додека тој период се продолжува за уште 10 дена доколку температура е пониска за 5 степени од оптималната. Ова директно влијае на должината на расадничкиот период, што е пак најзначаен за рано и средно рано производство. Освен кај никнувањето, температурата има влијание и врз растот и развојот на расадот, што значи дека ако се одржува под оптимналните вредности, расадот поспоро ќе се развива, ќе се добијат пониски растенија и повторно ќе се продолжи периодот до расадување.

Од друга страна и превисоките температури имаат неповолно влијание врз растот и развојот на расадот. Треба да се внимава во постудените периоди, во услови на недоволно светлина (краток ден, облачно време) температурата да не се одржува висока, бидејќи во такви услови расадот се издолжува (исциглува) и губи од квалитетот.

 

Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.

Категории: Култури