Сточарите од Кичевско разочарани: Ако не ни ги исплатат субвенциите ќе поставиме блокади
Дел од сточарите се пожалија дека се уште не им се исплатени премиите за 2020 година кои требало да ги добијат до крајот на февруари. Според Ајрадин Бајрами претседател на Здружението на сточари од Кичевско постои голема разочараност од инертноста на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Годинава се соочуваме со најголеми проблеми во одгледувањето на матичните стада овци. Голем проблем ни претставуваат се уште неисплатените субвенции за 2020 година, што требаше да легнат на наша сметка уште во февруари. Дефицитот на средства ни ја отежнува работата нормално да функционираме и затоа не треба да чуди намалениот интерес за одгледување на овци во нашиот регион, рече Бајрами и потенцира исто така дека е зголемена откупната цена на годинешното јагне, откако ги продадоа годинешните јагниња.
– Кога беа за продажба нашите јагниња кон средината на март, цената на откупувачите се движеше од 135 до 140 денари за килограм жива мера, а денес кога во целост го продадовме годинешното јагне, цените се подигнаа и се движат од 170 до 180 денари, како да се чекаше да го продадеме нашето јагне за потоа да можат да речат дека цените и не биле така ниски во споредено со претходните години. Сите трошоци се зголемени од храната до лекарствата, единствено нашите приходи се намалени и ако продолжи оваа агонија и ние ќе завршиме со одгледување на овци, додава Бајрами.
Тој рече дека ако во блиска иднина не бидат исплатени субвенциите за минатата година, тие ќе ги блокираат патиштата за да ја потсетат Владата на обврските кои ги презема кон нив.