Особено актуелна тема во делот на земјоделската политика во рамки на ЕУ е Стратегијата „Фарма до вилушка“ (Ф2Ф) како сеопфатен пристап кон политиката за храна. Стратегијата Ф2Ф е дел од Европскиот Зелен Договор, со кој се предвидува Европа да биде првиот јаглерод-неутрален континент до 2050 година. Заедно со новата ЕУ Стратегија за биодиверзитет, оваа стратегија доаѓа во особено значаен момент кога лидерите на ЕУ треба да одлучат за идните приоритети за буџетот на ЕУ и планот за закрепнување од последиците од Ковид-19.
Мерките во рамки на Стратегијата Ф2Ф се насочени кон транзиција во правец на создавање на одржлив систем на храна, а воглавно се однесуваат на: начинот на означување на прехранбените производи, означувањето на потеклото кај одредени производи, нутритивните профили за храна која што има висока содржина на сол, шеќер и/или масти; промените во делот на преработена храна и поставувањето на ограничувања за количините на одредени нутриенти; ревидирањето на легислативата за материјалите што доаѓаат во контакт со храна со цел подобрување на безбедноста на храната, здравјето на потрошувачите и намалување на влијанието врз животната средина.
Како конкретни цели кои треба да се постигнат до 2030 година се: намалување на употребата и ризикот од пестициди за 50 %, намалување на употребата на ѓубрива за 20 %, намалување на продажбите на антимикробни средства употребувани при одгледување на животни и во аквакултура и зголемување на земјоделските површини за органско производство за најмалку 25 %. Плановите за биодиверзитет и климатска неутралност исто така вклучуваат цели за засадување на најмалку 3 милијарди дрвја во ЕУ до 2030 година.
Дали се доведува во опасност конкурентноста на фармерите во Европа?
Фармерите се загрижени дека е нереално да се очекува производство на храна по органски стандарди, која потоа ќе биде достапна по конвенционални цени. Најголеми придобивки од предвидените промени би имале трговците, додека фармерите и понатаму би биле најранливата алка во синџирот на снабдување. Дополнително, промените би можеле да направат притисок за воведување протекционистички трговски политики доколку европските фармери не се конкурентни на глобалниот пазар. Токму на ова се однесуваше и неодамнешната критика на министерот за земјоделство на САД, според кој Стратегијата Ф2Ф го запоставува делот „фарма“ од концептот наречен „Фарма до вилушка“.
Понатаму, целта од стратегијата Ф2Ф која се однесува на трократно зголемување на земјоделските површини за органско производство до 2030 година, претставува проблем со оглед на истражувањата кои покажуваат дека органското земјоделство дава пониски приноси во споредба со конвенционалното земјоделство (16 % во просек). Од друга страна, само мал дел од потрошувачите во Европа се подготвени да платат дополнитено за органска храна, што значи дека фармерите не би можеле да надоместат за пониските приноси со зголемување на продажните цени.
Со сигурност ќе биде потребна поголема поддршка и средства за фармерите како интересна група во земјоделско-прехранбениот синџир со цел да се ублажат трошоците кои им се наметнати за усогласување со еколошките стандарди на Ф2Ф. Исто така се потребни продложување на роковите, понуда на алтернативи, но истовремено и понуда на решенија за другите фактори кои влијаат врз намалување на маржите за фармерите. Имено, и пред избивањето на пандемијата, фармерите се соочуваа со последиците од бројни политики кои задираат во нивните профитни маржи. На пример, ЕУ предложи привремени анти-дампинг мерки за увозот на уреа-амониум нитрат ѓубрива (UAN) од Русија, Тринидад и Тобаго и САД, како и задолжителна регистрација на увозот на овие ѓубрива. ЕУ овие мерки ги оправдува со укажувањето дека цените на европскиот пазар се нереално ниски, но според COPA COGECA, највлијателната интересна група на европските фармери, се работи за глобални трендови кои се одразуваат врз цената на уреа-амониум нитрат ѓубривата. Предложените анти-дампинг мерки ќе ги зголемат трошоците на европските фармери за инпут кој и онака зазема значајно место во структурата на трошоци во земјоделското производство.
Придобивките од Ф2Ф
Несомнено постојат многу контрадикторности и отворени прашања (пр. начинот на означување на производите) за кои сѐ повеќе се дебатира, особено во екот на светската здравствена криза која дополнително го потенцираше значењето на сигурноста во снабдувањето со храна. Меѓутоа, не треба да се заборави дека Ф2Ф е формулирана како обид на ЕУ, предводник во справувањето со климатските промени, да понуди решение за суштински проблеми поврзани со влијанието на секторот земјоделство врз животната средина. Ова влијание се должи на тоа што постоечкиот систем на храна придонесува за повеќе од една третина од глобалните емиси на стакленички гасови, искористува голем дел од природните ресурси, придонесува за намалување на биодиверзитетот, како и за негативните последици врз здравјето кај луѓето (поради недоволна или прекумерна исхрана) и не овозможува правичен економски поврат и услови за сите актери во синџирот, особено за примарните производители. За овозможување и забрзување на транзицијата кон систем на храна кој ќе биде правичен, здрав и поволен за животната средина, од особена важност ќе биде улогата на советодавните услуги, финансиските инструменти, истражувањата и иновациите. Овие правци на интервенција се очекува да помогнат во справување со моменталните конфликти помеѓу интресните групи, поддршка на развој и тестирање на нови решенија за надминување на многубројните пречки, како и откривање на нови пазарни можности.
Автор: д-р Викторија Илиева
Законски е забрането неовластено преземање на содржини од МојаФарма.мк без наведување на извор на информацијата, цитат и пренесување на линк до оригиналната страница. МојаФарма.мк може да покрене соодветна постапка за заштита на своите права пред надлежен орган.